ДРЖАВНА АГЕНЦИЈА ЛАЖИРАЛА ЗАПИСНИК ЗА ДА НЕ МУ ИСПЛАТИ СУБВЕНЦИИ НА ЗЕМЈОДЕЛЕЦ ОД КРАТОВСКО

Народниот правобранител го воочил криминалот, откако земјоделецот Мите Маневски поднел претставка кај него и за овој случај веднаш до Јавното обвинителство Скопје поднел кривични пријави против поранешен директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и против тројца инспектори од Државниот земјоделски инспекторат, кои при лажирање записници за неисправност, подметнале дури и извештај на кој му ставиле број нула

ДРЖАВНА АГЕНЦИЈА ЛАЖИРАЛА ЗАПИСНИК ЗА ДА НЕ МУ ИСПЛАТИ СУБВЕНЦИИ НА ЗЕМЈОДЕЛЕЦ ОД КРАТОВСКОГодишно на Мите Маневски од кратовското село Куново, кој во насадите ја вложил целата своја животна заработувачка од странство, му пропаѓале меѓу 18.000 и 20.000 евра субвенции и покрај тоа што ја тужел Агенцијата за исплата на земјоделски субвенции и ги добил сите спорови против неа пред Управниот суд. (Фото: Ѓ. Личовски)

Агенцијата за исплата на земјоделски субвенции, со записници што ги фалсификувала четири години не му исплаќала субвенции за насади на 15 хектари лешници, ореви и круши на Мите Маневски од кратовското село Куново. Маневски трпел штета со години, и покрај тоа што тој ја тужел Агенцијата и ги добил сите спорови против неа пред Управниот суд.

Годишно на Мите Маневски, кој во тие насади ја вложил целата своја животна заработувачка од странство, му пропаѓале меѓу 18.000 и 20.000 евра субвенции.

Народниот правобранител го воочил криминалот, откако Маневски поднел претставка кај него. За овој случај Омбудсманот Иџет Мемети веднаш до Јавното обвинителство Скопје поднел кривични пријави против поранешен директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и против тројца инспектори од Државниот земјоделски инспекторат, кои при лажирање записници за неисправност, подметнале дури и извештај на кој му ставиле број нула.

За овој случај Омбудсманот Иџет Мемети веднаш до Јавното обвинителство Скопје поднел кривични пријави против поранешен директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и против тројца инспектори од Државниот земјоделски инспекторат, кои при лажирање записници за неисправност, подметнале дури и извештај на кој му ставиле број нула. (Фото: Ѓ. Личовски)

„Извештај, документ со архивски број нула, не постои!“, вели Народниот правобранител Мемети, кој вели дека првпат во долгата кариера како правник сретнува ваква злоупотреба.

„Ние сме овде судот. Oдбиен си за субвенции“, бил одговорот што го добивал оштетениот земјоделец Маневски со години од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, откако Управниот суд ќе донел правосилни одлуки дека правдата е на негова страна, дека ги исполнува сите услови и дека субвенциите мора да му се исплатат.

„Младите дрвца ги носев од Србија, потрошив сè што заработив во животот. Се вратив за да живеам како човек овде во Македонија. Се надевав на тие субвенции од државата, затоа зедов 15-ина хектари државно земјиште под наем, етапно требаше да инвестирам, повторно да инвестирам и да не престанам да инвестирам. Ме срамнија со земја!“, скршен е Маневски.

Системите за наводнување капка по капка кои чинат многу пари за толкава земјоделска површина тој никогаш не ги поставил. Посевите се исушиле, на крајот се уништиле и без ниедна добиена субвенција, договорот за закупеното земјиште склучен во 2009, Маневски бил принуден да го раскине во 2015 година. И да ги откорне дрвцата што ги посадил.

„Извештај, документ со архивски број нула, не постои! Сфативме дека во овој случај има криминал и оти тука има наредбодавач. До Скопското јавно обвинителство поднесовме кривични пријави, против поранешен директор на Агенцијата и против тројца инспектори од Државниот инспекторат за земјоделие“, вели Народниот правобранител Иџет Мемети, кој рече дека првпат во долгата кариера како правник сретнува ваква злоупотреба (Фото: СДК.МК)

„Крваво заработените пари по белиот свет ми пропаднаа до евро“, вели Маневски.

Претставката кај Народниот правобранител Маневски ја поднел на 19 април 2018. Омбудсманот веднаш се обратил до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и новиот директор Николче Бабовски му дал одговор што му го изготвиле службите во Агенцијата: дека Маневски во 2011 аплицирал за субвенции, но дека бил одбиен зашто пријавил поголема површина од таа за која фактички требало да бара субвенции и оти за казна ни следните три години немал право повторно да аплицира.

Но, во записниците на инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделие, никаде нема забелешка дека Маневски наголемил земјоделска површина, број на садници или каква било неправилност воопшто. Како што почнал да истражува, Народниот правобранител веднаш воочил криминал во записниците. Во ниту еден од нив од земјоделските инспектори немало констатирана неправилност, туку само забелешка дека не ја искосил тревата меѓу дрвцата.

Народниот правобранител го повикал главниот инспектор А. З. што го потпишал првиот извештај од контролата на насадите на Маневски.

„Ние при контролите кај сите апликанти препорачуваме да преземат агротехнички мерки, косење на тревата, правилно орање, ама тоа не е основ за недобивање субвенции. Основ е ако се впише повеќе од 30 отсто површина од фактичката, ако се дадат лажни податоци, а такво нешто кај Маневски, немаше. На местото сè беше по прописите. Ги преброивме и садниците по формула и тие беа во ред“, се сетил А. З. веднаш за случајот и тоа му го кажал на Народниот правобранител.

Сепак, со лажен текст на хартија, без никакви факти дека ја наголемил површината или бројот на засадените дрвца, Агенцијата секоја година носи решенија со кои се одбива Маневски за субвенции. Тој ја тужи Агенцијата неколку пати, добива на суд и пак субвенциите не му се исплаќаат. Одбивањето и санкцијата забрана следните три години да не смее да добива субвенции, според документите кои ги има и САКАМДАКАЖАМ.МК, се врз база на документот 10/204, каде пишува дека кај Маневски е сè во ред.

Како што навлегува Омбудсманот во предметот, наидува на уште еден извештај на Инспекторатот за истиот предмет, но со друг број: 10/188. Овој не е на вообичаениот формулар, туку е наративен, без табели. Копијата е лоша, ништо не се разбира, личи на бела површина. Народниот правобранител дополнително се загрижил за ова. Овој извештај на Државниот земјоделски инспекторат никако не може да се протолкува. Вториот извештај за истиот случај колегите го прават без инспекторот А. З. .

Како што почнале да копаат по документите за овој случај, во Агенцијата нашле трет записник за него, број нула. Записник од Државниот земјоделски инспекторат. Ај што бил со непоимлив број за архивата и книговодството, туку бил и антедатиран. Ако записникот број 10/204 бил со датум од 17.08.2011, записникот број нула бил од 22.07.2011. За Омбудсманот спорно е што овој со нула и хронолошки му претходи на регуларниот записник за контролата на насадите на Митевски со број 10/204.

Но кога го видел Правобранителот Маневски на список за исплата на субвенции во 2011, му станало јасно дека за да го извадат од тој список, потребно било да се состави лажен записник со неправилности на нивите на Маневски и да се вметне со лажен, постар датум од тој на записникот 10/204.

„Младите дрвца ги носев од Србија, потрошив сè што заработив во животот. Се вратив за да живеам како човек овде во Македонија. Се надевав на тие субвенции од државата, затоа зедов 15-ина хектари државно земјиште под наем, етапно требаше да инвестирам, повторно да инвестирам и да не престанам да инвестирам. Ме срамнија со земја!“, скршен е Маневски, кој трпел штета со години, и покрај тоа што ја тужел Агенцијата и ги добил сите спорови против неа пред Управниот суд (Фото: Ѓ. Личовски)

Правобранителот веднаш пошол во Државниот земјоделски инспекторат да види дали навистина постои таков извештај број нула. Но, такво нешто во Инспекторатот немало. Извештајот број нула бил ад хок составен и вметнат во Агенцијата, се сомнева Правобранителот. Впрочем, вели тој, и во официјалното известување што го добил, сите членови на комисиите на Инспекторатот се изјасниле поединечно: „Не сум видел(а) таков записник со архивски број нула“. Тие од Кратово набедиле некој колега инспектор од Куманово, но и тој негирал дека видел таков записник.

„Сфативме дека во овој случај има криминал и оти тука има наредбодавач. До Скопското јавно обвинителство поднесовме кривични пријави, против поранешен директор на Агенцијата и против тројца инспектори од Државниот инспекторат за земјоделие“, велат од канцеларијата на Омбудсманот.

„Народниот правобранител смета дека во конкретниот случај постои основано сомнение дека е сторено кривично дело казниво по член 353 од Кривичниот законик“, се наведува во кривичната пријава потпишана од Мемети.

Членот 353 е злоупотреба на службената положба и овластувањата, каде најмалата казна затвор изнесува 5 години. Јавниот обвинител на Скопје Сашо Рајчев за САКАМДАКАЖАМ.МК одговори дека се работи по поднесената кривична пријава.

„Постапено е по кривичната пријава поднесена од Народниот правобранител Иџет Мемети. Пишана е наредба до МВР да бидат направени проверки на сите наводи во пријавата и да се обезбедат сите релевантни докази“, вели Скопскиот јавен обвинител Рајчев.

С. К. ДЕЛЕВСКА

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари