ЗАТВОРЕНИЦИТЕ ИМААТ НЕХУМАНИ УСЛОВИ, ПРОДОЛЖУВА КОЛЕКТИВНОТО ПРОТЕРУВАЊЕ НА БЕГАЛЦИТЕ, ПОКАЖА ГОДИШНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

    ЗАТВОРЕНИЦИТЕ ИМААТ НЕХУМАНИ УСЛОВИ, ПРОДОЛЖУВА КОЛЕКТИВНОТО ПРОТЕРУВАЊЕ НА БЕГАЛЦИТЕ, ПОКАЖА ГОДИШНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛОд посетата на затворите во Гевгелија и во Тетово биле констатирани нехумани услови за сместување, непроветрени простории, кревети опремени со нечисти и искинати ќебиња и дотраени душеци.- Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.(Фото: СДК.МК)

    Затворениците ја издржуваат казната затвор во услови кои не ги задоволуваат ниту минимум предвидените стандарди, покажува годишниот извештај на Народниот правобранител за состојбата во затворите, бегалските кампови и полициските станици во земјава. Тимот на Националниот превентивен механизам во 2018 спровел 42 посети, од кои 11 на полициски станици и затвори и 31 посета во местата за сместување и задржување на мигранти и бегалци.

    Од посетата на затворите во Гевгелија и во Тетово биле констатирани нехумани услови за сместување, непроветрени простории, кревети опремени со нечисти и искинати ќебиња и дотраени душеци.

    „Во затворите во Гевгелија и во Тетово нема посебна просторија самица, па осудените лица на кои им е изречена ваква казна се сместуваат кај затворениците кои се во притвор. Во Тетово нема систем за сигнализација, па затворениците мораат да викаат и тропаат по вратата, а многу често од вработените не добиваат одговор. Затворите немаат службено лице од женски пол кое ќе врши претрес на притворенички“, кажа на денешната презентација на годишниот извештај Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.

    Во однос на багалските кампови, извештајот покажува дека и понатаму продолжува праксата на неформално протерување и колективни депортации на бегалците, неинформираност на задржаните лица.

    „И оваа година сериозен е проблемот во однос на постапувањето со малолетни непридружувани лица. За нив нема податоци кога ја напуштиле земјата, со кого и каде, а образложението е дека прифатните центри се од отворен тип без ограничување на слободата на движење. За нас тоа е неприфатливо, оти станува збор за ранлива група, често пати жртви на трговија и други злоупотреби“, додаде Бајрамовска-Мустафа.

    Посетата  на полициските станици покажала лоша инфраструктурна поставеност, недоволна информираност на полицајците од областа на азилот, слабо познавање на методите за идентификација и упатување на ранливи категории и понижувачко постапување кон лицата кои се задржуваат или се лишени од слобода, вклучително и бегалците и мигрантите.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари