ЕУ СО ВЕТОТО НА БУГАРИЈА НЕ ГИ ОДРЖА ВЕТУВАЊАТА, ЈА ПОВТОРУВА ГРЕШКАТА ЗА МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ ВЛАДАТА

    ЕУ СО ВЕТОТО НА БУГАРИЈА НЕ ГИ ОДРЖА ВЕТУВАЊАТА, ЈА ПОВТОРУВА ГРЕШКАТА ЗА МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ ВЛАДАТАЗа идентитетските прашања нема преговори, вели Владата. (Фото: СДК.МК)

    Македонската Влада изрази разочарување што и на денешниот состанок на Комитетот на постојани претставници (КОРЕПЕР) ЕУ не најде начин да донесе позитивна одлука за усвојување на Преговарачката рамка, што ќе овозможеше првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија да се одржи до крајот на 2020 година, за време на германското претседавање со ЕУ.

    КОРЕПЕР денеска го усвои годишниот извештај за Западен Балкан но не го стави на дневен ред усвојувањето на Преговарачката рамка за почнување пристапни преговори со Македонија поради бугарското вето.

    „Ние испорачуваме, а ЕУ не ги одржа своите ветувања и во овој момент не го добиваме правилниот одговор. Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година, сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ. Изневерени се оправданите очекувања на нашите граѓани, поттикнувани и охрабрувани од ЕУ и од земјите членки. Разнишана е довербата на голем дел од граѓаните на сите држави од Западен Балкан. Оваа грешка е мотивација за уште посериозна продирање на интересите на трети страни во срцето на Европа. Барањата на Република Бугарија не се изненадување, но нивната упорност на стојалишта кои немаат ништо заедничко со стратешки важното прашање за проширувањето на ЕУ, нема да ги променат нашите ставови дека за идентитетските прашања нема преговори“, соопшти Владата.

    „Остануваме посветени на дијалогот со Софија и барање на взаемно прифатливо решение. Спремни сме да разјасниме одредени дилеми доколку има потреба за тоа, но нашите позиции се познати и јавно потврдени: Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. За македонскиот идентитет не се разговара и не се преговара. Договорот со Бугарија е добар и нема потреба од нов договор или анекс на договор. Спремни сме за поактивна имплементација на договорот. Имаме дадено предлог акциски план за проекти меѓу двете држави кои можат да ја унапредат соработката во различни области (економија, инфраструктура, култура, образование, и друго)“, вели Владата и додава дека нема да дозволи неуспехот на ЕУ со неодобрување на преговарачката рамка да предизвика застој на внатрешните реформи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира