И ПОКРАЈ ДОГОВОРОТ ДА НЕМА ГРУПИРАЊЕ, ВЕВЧАНСКИТЕ ВАСИЛИЧАРИ ИЗЛЕГОА НА УЛИЦА И ЈА НАВРЕДУВАА ПОЛИЦИЈАТА, ВЕЛАТ ОД МВР

    И ПОКРАЈ ДОГОВОРОТ ДА НЕМА ГРУПИРАЊЕ, ВЕВЧАНСКИТЕ ВАСИЛИЧАРИ ИЗЛЕГОА НА УЛИЦА И ЈА НАВРЕДУВАА ПОЛИЦИЈАТА, ВЕЛАТ ОД МВРДенеска поголема група граѓани се собра во Вевчани без почитување на коронамерките, па мораше да интервенира полицијата. (Фото: СДК.МК)

    Традиционалниот Вевчански карневал денеска се одржа под силно полициско обезбедување и судир помеѓу полицијата и маскираните вевчанци. Полицијата се обиде да спречи групирања, при што маскираните жители се спротиставија и дојде до инцидент на самиот плоштад. Повредени немаше, полицијата го обезбедуваше плоштадот, а вевчанци го изразија незадоволството со вербални напади.

    „Полициски службеници денеска интервенираа во Вевчани поради непочитувањето на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот односно забраната за групирање на повеќе од четири лица со што се загрозува здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија. Имено, и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група на граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани“, велат од МВР.

    Градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски претходно изјави дека Општината се откажала од организацијата и нема никаква одговорност врз самата ситуација која излезе од контрола.

    „Во делот на организација ги откажавме сите активности како организатори, но ова во Вевчани тешко дека некој може да го спречи. И Горномалското и Долномаското маало има индивидуални маски, но немаме никакви ингеренции доколку дојде до немил настан бидејќи не сме организатори на овој дел од манифестацијата“, вели Јанкоски.

    Инаку, и годинава имаше креативни маски покрај Зетот и невестата, Глупавиот август и музичарите беа и Коронавирусот, Вакцинација и Спорот со Бугарија, со што жителите го одбележаа традиционалниот Вевчански карневал, обичај стар со векови.

    „Донесовме нови вакцини, има за премиерот, за градоначалникот, донесовме бугарски корења, сè е гратис денеска“, кажуваа василичарите.

    Поради пандемијата со коронавирусот, годинава традицијата под маски се одржа без организација, гости, концерти, изложби и забави. Василичарските друштва не се откажаа од симболиката, преку маските на сатиричен начин да упатат силни пораки кон општеството и политичарите.

    Вевчанскиот карневал е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот стара колку и самото Вевчани. Вевчанци преку цела година се подготвуваат за спектакуларната ноќ на карневалскиот настан со кој се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар, 13 и 14 јануари.

    Се верува дека со маските се бркаат злите духови и се испраќа порака за бериќетна година. Оваа културна и туристичка атракција со години привлекуваше и до 10.000 посетители во Вевчани.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира