РЕДИЦИ ЗА БЕСПЛАТЕН ОБРОК ПРЕД „МАЈКА ТЕРЕЗА“ ВО СКОПЈЕ ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ХРАНАТА

    РЕДИЦИ ЗА БЕСПЛАТЕН ОБРОК ПРЕД „МАЈКА ТЕРЕЗА“ ВО СКОПЈЕ ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ХРАНАТАЛица од Црвен крст од Карпош и волонтери денес во Скопје делеа оброци на бездомни лица и лица од социјалноранливи категории. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Стотина луѓе денеска чекаа во ред пред музејот на Мајка Тереза во Скопје за бесплатен топол оброк кој го делеа хуманитарни организации. Акцијата беше организирана во чест на Светскиот ден на храната од Црвениот крст од Општина Карпош и групата хуманитарци од „Ретвитни оброк“. Пред Куќата на Мајка Тереза главно се собраа бездомни лица и лица од социјалноранливи категории.

    Во светот има 811 милиони лица кои се погодени од глад, вели Чу Донгју, генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации, во чест на Светскиот ден на храната.

    „Дури и пред ковид-19, стотици милиони луѓе ширум светот беа погодени од глад, и тој број се зголеми во последната година, и покрај тоа што светот произведува доволно храна за да нѐ нахрани сите нас. Ова е незамисливо и неприфатливо. Во исто време, 14 проценти од храната што ја произведуваме се губи, а 17 проценти се фрла. Во комбинација со други стресни фактори – како што се штетници и болести, природни катастрофи, губење на биолошката разновидност, уништување на животната средина и конфликти, можете да ги воочите размерите на предизвикот со кој се соочуваме во исполнување на растечките потреби за храна во светот, истовремено намалувајќи го влијанието на земјоделско-прехранбените системи врз животната средина и климата“, вели Донгју.

    Волонтери делат храна пред Куќата на Мајка Тереза во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    ФАО проценува дека се потребни од 40 до 50 милијарди американски долари годишни инвестиции за насочени интервенции да се стави крај на гладот до 2030.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира