РАСТОТ НА НОВОЗАБОЛЕНИТЕ ОД КОВИД-19 ДОАЃА ОД КЛАСТЕР ОД СВАДБА СО 100 ГОСТИ ВО СКОПЈЕ И МЕКИЦИ СО 200 ГОСТИ ВО ОХРИД

    РАСТОТ НА НОВОЗАБОЛЕНИТЕ ОД КОВИД-19 ДОАЃА ОД КЛАСТЕР ОД СВАДБА СО 100 ГОСТИ ВО СКОПЈЕ И МЕКИЦИ СО 200 ГОСТИ ВО ОХРИДДо утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 22 нови, а вкупно хоспитализирани 57 пациенти. На респираторна машина се 10, а со потешка клиничка слика се уште 11 пациенти; - Возила на Итна помош пред „8 Септември“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од семејна прослава за мекици за новороденче во Охрид со 200 гости, 8 се позитивни на КОВИД-19, а 40 се во изолација, а пак од свадба во Скопје со 100 гости, 14 се досега позитивни, а на епидемиолозите проблем им создава несоработката на лицата кои биле присутни на свадбата, кажа денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

    175 нови случаи на КОВИД-19 од 971 тестирања се регистрирани во изминатите 24 часа, тоа во : Скопје-131, Куманово-24, Штип-2, Прилеп-2, Тетово-5, Струга-2, Велес-4, Охрид-1, Гостивар-2, Свети Николе-2. Во Скопје најмногу активни случаи, заклучно со вчера има Чаир 209 случаи, па 76 во Бутел и по 75 во Гази Баба и во Аеродром.

    „70 проценти од новозаболените се во рамките на веќе познатите кластери, но има и нови. Сите се заразени од истата причина, непочитување на мерките. Ова нема логика и го осудувам таквото однесување. Не може да има свадба кога е тоа забрането. Не може да има прослави со 200 гости ако е тоа забрането“, рече министерот.

    Од седумте текстилни фабрики во Штип кои беа детектирани како жаришта и затворени, земени се 788 брисеви, 126 лица се потврдени на КОВИД-19, а хоспитализирани во болницата во Штип се 24, останатите се на домашно лекување. Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат се дадени решенија за изолација на 400 контакти.

    „Откако се утврдија жариштата и се тестираа лицата, ситуацијата во две од четирите жаришта, во Штип и во Тетово се смирува, останува проблемот со Скопје, особено со Чаир, каде епидемиолозите сѐ уште се соочуваат со проблемот на обезбедување на контакти и давање на точни податоци“, рече тој.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари