СЕ РАСПУШТИ СОБРАНИЕТО, ИЗБОРИ НА 12 АПРИЛ

    СЕ РАСПУШТИ СОБРАНИЕТО, ИЗБОРИ НА 12 АПРИЛВо овој собраниски состав беа донесени уставните измени за промена на името во Република Северна Македонија согласно Договорот од Преспа и земјава стана 30. членка на НАТО; - Спикерот Талат Џафери се поздравува со пратениците по распуштањето на Собранието. (Фото: К. Попов)

    Со 108 гласови „за“, попладнево Собранието се распушти заради одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април. Пред распуштање на Парламентот, власта успеа да обезбеди двотретинско мнозинство и со 80 гласови „за“ беше донесен Законот за јавно обвинителство, како и Законот за одбрана.

    Во овој собраниски состав беа донесени уставните измени за промена на името во Република Северна Македонија согласно Договорот од Преспа. Како резултат на Преспанскиот договор со кој се реши тридеценискиот спор за името со Грција, Северна Македонија стана 30 членка на НАТО, а ратификацијата на Протоколот за членство во Алијансата беше изгласан едногласно од сите пратенички групи на овој пратенички состав на 11 февруари.

    Собранието се распушти 108 гласови „за“ од 117 присутни пратеници. (Фото: К. Попов)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека за неговото раководење со Собранието најдобро говори извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.

    „Во ова одело дојдов на седницата кога бев изгласан за претседател, во истото сум и сега кога се распушта Собранието. Многумина велеа попрво оделото ќе ви фати прашина отколку што ќе бидете претседател на Парламентот. Се покажа дека не фати прашина. Ако сум направил некоја грешка таа била ненамерна и се извинувам“, рече Џафери.

    Координаторот на СДСМ Јован Митревски рече дека е горд на она што ова Собрание го сработило изминативе 3 години бидејќи со тоа ја осигурале иднината на земјава и идните генерации.

    „Од изолирана земја станавме членка на НАТО, на чекор до добивање датум за почеток на преговорите со Европската унија. Но, на тој процес му претходеа тешки одлуки кои ние успеавме да ги донесеме“, рече Митревски.

    Никола Мицевски координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека оваа влада е најкатастрофална во историјата на земјава и денеска се ставало крај на заложништвото во кое биле држени граѓаните изминатите три години.

    „Оваа влада ќе остане запаметена како власт која го смени Уставот, голем број криминали од функционерите на локално и централно ниво, катастрофални еконимски политики, нула странски инвестиции, иселување на младите”, рече Мицевски.

    По изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на 27 април 2017, се случи организираниот напад на Собранието. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски кој ја отвори вратат на Собранието за да влезе толпата, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски, како и социјалистот Љупчо Димовски се амнестирани за учеството во нападот, а поранешниот претседател на Собранието и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски заедно со ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски,е обвинет за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, околу организација на нападот на Собранието.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира