БЕНИ ШАЌИРИ И ДОСЕГАШНИОТ ДИРЕКТОР НА МКЦ СЕДАТ ЗАЕДНО ВО ДИРЕКТОРСКАТА КАНЦЕЛАРИЈА ОТИ АЛЕКСОВ НЕ Е РАЗРЕШЕН

    БЕНИ ШАЌИРИ И ДОСЕГАШНИОТ ДИРЕКТОР НА МКЦ СЕДАТ ЗАЕДНО ВО ДИРЕКТОРСКАТА КАНЦЕЛАРИЈА ОТИ АЛЕКСОВ НЕ Е РАЗРЕШЕНКако што велат извори од МКЦ за САКАМДАКАЖАМ.МК, Алексов не си оди од директорската функција оти градоначалничката Данела Арсовска уште не го разрешила. (Фото: СДК.МК)

    Новиот директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) Бени Шаќири и досегашниот директор на институцијата Никола Алексов веќе втор ден седат заедно во директорската канцеларија.

    Како што велат извори од МКЦ за САКАМДАКАЖАМ.МК, Алексов не си оди од директорската функција оти градоначалничката Данела Арсовска уште не го разрешила. Арсовска го назначи Алексов за в. д. директор на 18 јануари 2023 па после пет месеци,  во мај, му даде втор мандат, а после шест месеци, односно во ноември, по трет пат му го продолжи мандатот со што тој сега уште е на функција.

    Шаќири има заверено решение дека од 10 јануари е директор на институцијата.

    Проблемот настанува затоа што Арсовска требало прво да го разреши Алексов, па после да го назначи Шаќири.

    Друг проблем, како што велат нашите извори, е што рокот за назначување на нов директор бил до 28 декември 2023, а Арсовска тоа го сторила дури на 10 јануари годинава.

    Исто така, ниту другите двајца кандидати кои се пријавија на конкурсот, ниту вработените во МКЦ не се известени за назначувањето. Рокот од осум денови за жалба е пробиен, а со тоа поминато е и времето за жалба на другите кандидати. Правото на жалба не е испочитувано, велат нашите извори од МКЦ.

    Покрај Шаќири, кандидатури поднесоа и продуцентот и филмски работник Никола Мадиќ и Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, магистер по менаџмент на јавни установи.

    Алексов е дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата во јануари откако Арсовска го разреши Ванчо Богоев. Тогаш од Програмскиот совет на МКЦ рекоа дека Богоев, кој 36 години е дел од институцијата, е сменет бидејќи не сакал да го вработи пејачот Бени Шаќири, кој на последните локални избори беше кандидат за градоначалник на Скопје на ДОМ и ЛДП. Од МКЦ рекоа дека тогашниот генерален секретар на Градот Зоран Глигоров вршел екстремни притисоци да се потпише вработување на Шаќири.

    Според процедурата на конкурсот, Управниот одбор на МКЦ ги достави апликациите од кандидатите до градоначалникот на Град Скопје, со тоа што предлага кандидати кои според критериумите се соодветни за позицијата за која аплицираат. Условите, покрај високото образование во областа на хуманистичките науки, се и 5-годишно работно искуство во областа на културата.

    Првиот конкурс за избор на директорската позиција распишан кон крајот на септември лани немаше никаква разврска, ниту беше поништен од Градот Скопје, а потоа во ноември се распиша повторен конкурс за истата функција.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира