БЕРГЕР, КОНЧАЛОВСКИ И БАЈРАМ СЕВЕРЏАН СЕ ЛАУРЕАТИ НА 42. „БРАЌА МАНАКИ“

    БЕРГЕР, КОНЧАЛОВСКИ И БАЈРАМ СЕВЕРЏАН СЕ ЛАУРЕАТИ НА 42. „БРАЌА МАНАКИ“Претседателот на ДФРМ Игор Иванов-Изи, селекторот Слаѓан Пенев, директорот Симеон Мони Дамевски и селекторот Даријан Пејовски на денешната прес-конференција за „Браќа Манаки“. (Фото: K. Попов)

    Австрискиот кинематографер Кристијан Бергер и рускиот режисер Андреј Кончаловски се годинашни лауреати на 42. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола (16-21 септември). Мотото годинава е „И покрај сѐ“, рече денеска директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски.

    Бергер, кинематограферот на Михаел Ханеке, еден од најголемите австриски и светски режисери, ќе ја добие Златната камера за животно дело и ќе дојде во Битола, додека Кончаловски, еден од најголемите руски режисери, поради возраста одлучил да не патува во овие услови. Актерот Бајрам Северџан, најпознат по филмовите „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Куструрица, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „До балчак“ на Столе Попов,  е добитник на Големата ѕвезда на македонскиот филм, награда која ја доделува Друштвото на филмски професионалци (ДФРМ).

    Буџетот на Фестивалот е намален за 30 отсто. Во официјалната селекција, зад која стои Слаѓан Пенев, ќе има 10 долгометражни филмови, а во кратката, по избор на режисерот Даријан Пејовски, исто така 10.

    Во официјалната програма ќе игра и „Сестри“, дебитантскиот филм на режисерката Дина Дума, кој на 28 август ја доби Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот, на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, најголемиот фестивал во Чешка.

    Во кратката програма македонска премиера ќе има и  „Северен пол“ на Марија Апчевска, кој во јули играше во конкуренцијата за Златна палма во Кан.

    „Како што се трендовите на светските фестивали, одлучивме да ја укинеме документарната програма. Доколку има квалитетни филмски дела од документарната програма, тие влегуваат или во кратката или во долгата програма. Но, ќе имаме ревија на македонски документарни филмови насловена ‘Бисери на македонската документаристика – од Оскар до Оскар’“, рече Дамевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира