„БИТЛСИ“ ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО ВО СПОМЕН НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, В САБОТА

    „БИТЛСИ“ ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО ВО СПОМЕН НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, В САБОТАПрославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот (Фото: Од личната архива на Стефановски)

    Прослава на животот на Горан Стефановски во Дебар Маало е насловен настанот кој ќе се одржи утре (сабота) во 12 часот, во триаголниот парк спорти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. Малата церемонија ја организираат семејството на истакнатиот македонски драматург, кој почина лани во ноември во Англија, заедно со Општина Центар.

    По иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), настанот ќе почне со садење на дрво, што, како што вели неговото семејство, го претставува и неговото духовно враќање дома. Дебар Маало беше едно од омилените места на Стефановски во Скопје, кој повеќе од две децении живееше во Велика Британија.

    „Дебар Маало има култно, скоро митско место во современата македонска култура. Голем удел во креирањето на тоа имаше покојниот писател, професор и вљубеник во маалото – Горан Стефановски. Паркчето е на онаа раскрсница што за него и други претставува не само срце на Дебар Маало, туку и поим за едно минато време во нашиот град — време на цврсти столбови на вредности, почит и добрососедски односи. Стефановски си го разјасни својот став кон губењето на душата на Дебар Маало, како и кон рушењето на општествените вредности во нашата земја, во својата драма ‘Демонот од Дебар Маало‘, каде се разбира единствениот простор и време се маалото и Идадија. ‘Без маало нема држава!’‘“, вели неговото семејство.

    Прославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот. Јавноста го знае како познатиот драмски писател, есеист и мудрец, кој низ град одеше пеш со насмеано лице, но ова ќе биде можност неговата фамилија и блиски пријатели да ја претстават неговата друга страна, како татко, сопруг, дедо и фанатик на „Битлси“, преку проекција на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видео интервјуа, говори, и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови (во соработка со Драмскиот театар и Факултетот за драмски уметности (ФДУ)), слушање на неговата најомилена музика, и „отворен микрофон“ на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан.

    Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

    Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира