БОГАТСТВО СТАРО МИЛЕНИУМИ, 70 ГОДИНИ СЕ ЧУВА ВО МУЗЕЈОТ НА ГРАД СКОПЈЕ

    БОГАТСТВО СТАРО МИЛЕНИУМИ, 70 ГОДИНИ СЕ ЧУВА ВО МУЗЕЈОТ НА ГРАД СКОПЈЕВо Музејот на Град Скопје е изложен е и еден од најзначајните археолошки пронајдоци во Македонија, „Адам од Говрлево“, нарачен и „милениумско откритие“. Има и дела од модерното сликарство и скулптура, етнологијата и богатата колекција на облека од 19. и 20. век. (Фото: К. Попов)

    Археолошките, етнолошки, уметнички и архитектонски богатства на Скопје 70 години се собираат и чуваат во Музејот на Град Скопје, кој со голема изложба слави 7 децении од основањето. Институцијата слави и 50 години откако е на денешната локација, во некогашната Железничка станица делумно разурната во скопскиот земјотрес во 1963.

    Музејот е формиран во 1949 од Градскиот народен одбор на Скопје како Народен музеј на Град Скопје. Институцијата променила повеќе објекти од формирањето во 1949, била во зградата на старата телеграфска пошта близу црквата „Св. Спас“, потоа во Ѓорче Петров, а по катастрофалниот земјотрес во 1963 и санацијата на објектот на Железничката станица (од 1968 до 1970, проект на архитектот Светислав Петровиќ), Музејот на Град Скопје се вселил во новите простории од адаптираната зграда на Железничката станица во 1970.

    Артефактите се изложени во третата сала на Музејот на Град Скопје. (Фото: К. Попов)

    „Се чини дека потребата за постоење на оваа институција е претставување на историските случувања врзани за градот, со посебен печат на НОБ. Такви беа времињата, но сето тоа беше базата на која се формираше оваа институција“, рече академик Вера Битракова-Грозданова на промоција на монографијата „70 години Музеј на Град Скопје“ изминатава недела.

    По историската фаза, Музејот продолжува да се развива во институција што ги опфаќа и спојува археологијата (од првите ископувања на античкиот театар на локалитетот Скупи 1959/1960), средновековната уметност, модерното сликарство и скулптура, етнологијата и богатата колекција на облека од 19. и 20. век.

    Од изложените предмети на поставката во чест на јубилејот 70 години постoење на Музеј на Град Скопје. (Фото: К. Попов)

    Музејот ги чува, како што вели Битракова-Грозданова, ремек-делата на археолошките локалитети Скупи, Таор и Говрлево.

     

    Во третата сала e претставен дел од најзначајните експонати од збирките на Музејот, уметнички дела и преглед на најзначајните настани, како изложби, археолошки ископувања и истражувања, промоции и презентации. (Фото: К. Попов)

    На изложбата за јубилејот, претставен е и еден од најзначајните археолошки пронајдоци во Македонија, „Адам од Говрлево“, кој беше откриен во 2000 година на локалитетот Церје, село Говрлево. Станува збор за исклучителна антропоморфна машка фигура позната како „Адам од Говрлево“, која му припаѓа на периодот на средниот неолит (5800 – 5300 пр. н.е.). Фигурината преставува еден од десетте уникатни археолошки наоди во светот. Веднаш по самото пронаоѓање го доби епитетот „милениумско откритие“.

    Од отворањето на изложбата во чест на јубилејот. (Фото: К. Попов)

    „Во овие сали нашата публика имала можност да ги види делата на Дејвид Хокни, Марина Абрамовиќ, Оља Ивањицки, големата изложба на германски експресионизам, Богатството на Романови, а пак наши изложби гостувале во Јапонија, Англија, Германија, Романија, Турција, Грција“, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

    Музејот на Град Скопје од следниот месец ќе почне со целосна реконструкција. (Фото: К. Попов)

    Шилегов најави дека од следниот месец Музејот ќе почне да се реконструира, а целосната реконструкција ќе чини околу еден милион евра.

    „Реконструкцијата ќе овозможи овој објект да блесне во полн сјај и целото богатство кое го има да биде презентирано на многу поубав начин. Јавноста ќе биде изненадена кога ќе го реотвориме Музејот во септември-октомври“, вели Шилегов.

    Директорот на Музејот Славко Лисичков и скопскиот градоначалник Петре Шилегов на презентацијата на видеопроекцијата изработена во 3-Д мапинг технологија, за музејската и галериската работа во изминатите 70 години поделена на декади. (Фото: К. Попов)

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари