ДА НЕ СЕ ПОВТОРАТ УНИШТУВАЊАТА ВО ВЛАХО И ЛАГАДИН, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА

    ДА НЕ СЕ ПОВТОРАТ УНИШТУВАЊАТА ВО ВЛАХО И ЛАГАДИН, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА„Во новата Одлука општина Охрид треба да има предвид дека Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не предвидува исклучоци како што е наведено во членот 4 од Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови“, рече министерката. (Фото: К. Попов)

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска зборуваше за заштитата на културното наследство, како и за актуелните случувања во Охридскиот Регион, откако периодов беше оштетен археолошкиот локалитет Влахо при ископ на јаглен, а Министерството за транспорт и врски го поништи решението на Општина Охрид за стопирање на изградбата на хотел во Лагадин, за кој при добивањето дозвола за градба биле прекршени 12 закони.

    Министерката кажа дека тоа се преседани кои што не смеат да се повторат, бидејќи културното наследство е врвен приоритет.

    Во однос на изградбата на хотелот кај Лагадин, за кој, Министерството за транспорт и врски го поништи решението на градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков со кое беше стопирана градбата, Националната комисија за УНЕСКО, по прашањето со изградбата на објект на крајбрежјето во Лагадин ги донесе следниве заклучоци: „Се препорачува општина Охрид повторно да ги разгледа активностите поврзани за градба на објект на крајбрежјето во Лагадин, при тоа водејќи се по препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и Одлуките на Комитетот за светско наследство и почитувајќи го Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион“.

    „Силно препорачуваме сите активности поврзани со овој објект да бидат ставени во мирување до конечноста на одлуката на општина Охрид“, рече Костадиновска-Стојчевска.

    Таа ѝ препорача на Општина Охрид да ја поништи Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, број 08-17370/61 од 22 декември 2022.

    Министерката препорачува и Охрид да донесе нова Одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, имајќи предвид дека Законот е од јавен интерес.

    Ова, рече таа, доаѓа како резултат на следењето на препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и Одлуките на Комитетот за светско наследство, и водејќи се по Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

    „Во новата Одлука општина Охрид треба да има предвид дека Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не предвидува исклучоци како што е наведено во членот 4 од Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови“, рече таа.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира