„ЏОКЕР“ ДОБИ 11 НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР, „1917“ И „БЕШЕ ЕДНАШ ВО ХОЛИВУД“ ПО 10

    „ЏОКЕР“ ДОБИ 11 НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР, „1917“ И „БЕШЕ ЕДНАШ ВО ХОЛИВУД“ ПО 10Хоакин Феникс е голем фаворит за Оскарот за најдобар актер за насловната улога во „Џокер“ (Фото: АП)

    „Џокер“ ќе се бори за најмногу оскари оваа година, откако денеска доби 11 номинации, следен од воената драма „1917“ и „Беше еднаш во Холивуд“ со по десет. И Македонија ќе го очекува и следи претстојното доделување со огромен интерес откако „Медена земја“ беше номиниран во дури две категории: за најдобар документарец и за најдобар странски филм.

    Девет наслови се селектирани во изборот за најдобар филм: покрај „Џокер“, „Беше еднаш во Холивуд“ и „1917“, по главната награда одат и „Ле Ман ‘66: Славни 24 часа“, „Ирецот“, „Зајакот Џоџо“, „Мали жени“, „Брачна приказна“ и јужнокорејскиот „Паразит“.

    За Оскар за најдобар актер ќе се борат Адам Драјвер („Брачна приказна“), Антонио Бандерас („Болка и слава“), Леонардо ДиКаприо („Беше еднаш во Холивуд“), Хоакин Феникс („Џокер“) и Џонатан Прајс („Двајцата папи“), а меѓу петте номинирани актерки се Шарлиз Терон („Тие се бомби“), Синтија Ериво („Хариет“), Рене Зелвегер („Џуди“), Сурша Ронан („Мали жени“) и Скарлет Јохансон („Брачна приказна“).

    За најдобра машка споредна улога номинирани се Ал Пачино („Ирецот“), Џо Пеши („Ирецот“), Бред Пит („Беше еднаш во Холивуд“), Ентони Хопкинс („Двајцата папи“) и Том Хенкс („Прекрасен ден во сосдеството“), а во женска конкуренција Кети Бејтс („Ричард Џуел“), Флоренс Пју („Мали жени“), Лора Дерн („Брачна приказна“), Марго Роби („Тие се бомби“) и Скарлет Јохансон („Зајакот Џоџо“).

    Мартин Скорсезе („Ирецот“), Бонг Јон Хо („Паразит“), Квентин Тарантино („Беше еднаш во Холивуд“), Сем Мендес („1917“) и Тод Филипс („Џокер“) добија номинација за најдобар режисер.

    Церемонијата на доделувањето ќе се одржи на 10 февруари во Лос Анџелес.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари