ДИРЕКТОРОТ НА ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“ ОТИ САМО ТОЈ БИЛ ПРЕДЛОЖЕН

    ДИРЕКТОРОТ НА ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“ ОТИ САМО ТОЈ БИЛ ПРЕДЛОЖЕНАктерот Младен Крстевски е в.д директор на Велешкиот театар, но вели дека за кандидатурата не се пријавил самиот себеси, туку го пријавиле колегите (Фото: Велешки театар)

    Добитник на актерската награда „Петре Прличко“ е велешкиот актер Младен Крстевски. Така едногласно одлучило жирито во состав: Слободанка Чичевска, Драган Миладинов и Кирил Гравчев. Наградата ќе му биде доделена в сабота на сцената на Велешкиот театар, каде како в. д. директор е токму Крстевски. Оваа одлука иако сѐ уште не беше официјално соопштена, деновиве предизвика многу реакции во  јавноста. Од жирито уверуваат дека работеле без притисоци.

    „Добивме само еден предлог за добитник, и тоа Младен Крстевски. Тој во биографијата има богато досие остварени ролји и на театар и на филм, за што е и наградуван. Тој е сепак име за македонското глумиште. Реакциите на јавноста јас би ги упатил во друга насока, зошто никој не испратил друга номинација, зошто не предложил кандидат. Така што јас тука го гледам проблемот. Така беше и со години наназад, секогаш имало малку предлози. Што се однесува до составот на жирито тој е по предлог на Комисијата за именувања при Советот на Општината“, кажа членот на жирито, актерот Драган Миладинов.

    „Не се предложив самиот себеси, не сум таков човек. Кандидатурата ја поднеле колеги од Театрот“, ни рече Крстевски.

    Наградата изнесува 30 илјади денари, средства обезбедени од општинскиот Буџет, а во чест на наградениот, велешки театар ќе ја одигра претставата „Елешник“. Минатата година награда не се додели оти не беше навреме распишан конкурс.

    Јавно за оваа награда коментираше актерот Петар Арсовски кој на неговиот Фејсбук профил напиша:„ Сегашнава состојба во Велешки театар и во културата би можела да се нарече ‘Хроника на најавената смрт’ (Маркес). Сите знаевме дека овој скандал ќе се случи, а молчевме“.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира