Оперскиот пејач Игор Дурловски синоќа имаше концерт на „Охридско лето“, три месеци по насилствата во организираниот напад на Собрането на 27 април, каде тој беше присутен како еден од тројцата водачи на протестите на „Четврт Илинден – За заедничка Македонија“. Дурловски, заедно со другите двајца водачи Богдан Илиевски и Борис Дамовски беше влезен во Собранието за време на насилствата.
Дурловски синоќа пееше во „Света Софија“ на концертот заедно со оперските пејачи Реј Ченез од САД, Фани Антонелу од Грција во придружба на грчкиот барокен оркестар „Армониа Атенеа“. Ова е негов втор настап по нападот на Собранието на 27 април, претходно имаше рецитал на 23 мај во рамките на Мајските оперски вечери (МОВ).
Дурловски на 17 мај поднесе оставка од местото директор на Македонската опера и балет (МОБ) и од професор на Факултетот за музичка уметност (ФМУ).
За тројцата водачи на „За заедничка Македонија“ МВР на 30 април побара од Скопското обвинителство под итно да бидат повикани на сослушување зашто се обезбедени докази дека биле организатори и водачи на нападот во Собранието на 27 април.
„МВР до надлежното ОЈО достави и посебно известување за организаторите на протестите за евентуалното натамошно постапување на обвинителството околу целосното расчистување на случувањата од 27.04“, стои во соопштението на МВР од 30 април.
До денес нема никаква ни официјална ни неофицијална информација од Обвинителството дали кој било од нив е повикан на сослушување.