Денес Фестивалот на филмска камера „Браќа Манaки“ од Битола слави 40 годишно постоење. Јубилејот се поколопува со 55 годишнината од смртта на првиот снимател на Балканот, Милтон Манаки, на чиј гроб во Битола денес беше положено свежо цвеќе. Идејата за создавање на фестивал се родила на денешен ден во 1979 година, кога почитувачи и следбеници на неговото дело одбележувале 15 годишнина од смртта на Манаки.
„По церемонијата која беше одржана на Влашките гробишта во Битола во 1979 зедно со делагацијата која учествуваше на чествувањето, отидовме кај тогашниот претседател на Општина Битола, Павле Ѓоргиевски и падна одлуката Битола да биде домаќин на еден фестивал се со цел да се вреднува делото на браќата Манаки. Така се роди првиот Фестивал на филмската камера, односно најпрво беа средби на филмските сниматели, за денес да го имаме големиот фестивал ‘Браќа Манаки’“, вели Коста Хаџи Антоновски, еден од основачите.
Фотографските записи на браќата Манаки се чуваат во Историскиот архив во Битола каде се дигитализирани околу 20 проценти.
„Сѐ она што е фотонаследство и лични документи е кај нас. Се работи за еден фонд од над 6.000 стаклени плочи и можеби 10.000 до 15.000 фотографии кои се моментално во процес на дигитализација. Тоа е процес кој тече бавно и мора да биди така зашто се работи за деликатна работа. Во скора иднина се надеваме дека ќе имаме можност да го презентираме тоа во јавноста“, рече Димитар Ѓоргиевски, помлад соработник во Историскиот архив.
Директорот на Кинотека на Македонија Владимир Ангелов на денешното чествување во Битола рече дека снимките на Манаки се најзначајни филмски материјали за Македонија и пошироко за целиот балкански регион. Филмскиот фонд е дигитално реставриран во Унгарија пред пет години и грижливо се чува во Кинотеката на Македонија. Вечер по повод јубилејот во Кинотека на Македонија ќе биде прикажана скопската премиера на документарниот филм за браќата Манаки на Роберт Јанкуловски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА