ФИЛМОТ „НЕМА ДА СИ САМА“ НА ГОРАН СТОЛЕВСКИ ПОБЕДИ НА ФЕСТИВАЛОТ МАНХАЈМ-ХАЈДЕЛБЕРГ

    ФИЛМОТ „НЕМА ДА СИ САМА“ НА ГОРАН СТОЛЕВСКИ ПОБЕДИ НА ФЕСТИВАЛОТ МАНХАЈМ-ХАЈДЕЛБЕРГДејството во филмот се случува во изолирано планинско село во Македонија во 19. век. - Сара Климоска. (Фото: „Козвеј филмс“)

    Филмот „Нема да си сама“ на австралиско-македонскиот режисер Горан Столевски победи на 71. издание на Фестивалот Манхајм-Хајделберг во Германија. Столевски, кој е роден во Македонија, но живее и работи на релација Австралија-Велика Британија освои и 30 илјади евра за најдобар режисер на дебитантски филм.

    Во одлуката на жирито стои дека „Нема да си сама“ е „симфониски компонирано ремек-дело на поетска убавина и трогателна моќ“.

    „Наградата се доделува на длабоко хуман филм кој ги проширува границите на кинематографијата. Преку неговото прераскажување на митот, филмот нѐ принудува да ги искусиме прашањата за родот и идентитетот на неочекувани начини“, одлучи жирито.

    Дебитантскиот долгометражен филм на Столевски е и австралиски кандидат за најдобар странски филм за Оскар.

    По негово сценарио, дејството во филмот се случува во изолирано планинско село во Македонија во 19. век и следи млада вештерка која е оставена сама во шума. Љубопитна како е да се живее како човек, таа случајно убива селанка и го зема нејзиниот облик. Во филмот играат шведската актерка со холивудска кариера Номи Рапас, и македонските глумици Сара Климоска, Верица Недеска и Камка Тоциновски. Во продукција на „Козвеј филмс“ на Кристина Кијтон и Саманта Џенингс, се снимаше во Србија, а Македонија нема никава врска со филмот оти не доби поддршка на конкурсот на Агенцијата за филм.

    Филмот имаше светска премиера во јануари на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута во САД. Критичарите, како што пренесуваат австралиските медиуми, го споредувале Столевски со реномирани автори како Теренс Малик и Џонатан Глејзер.

    По премиерата на Санденс, угледниот холивудски сајт „Вараети“ го вклучи меѓу десеттемина најнадежни режисери за 2022. Во август излезе неговиот втор филм насловен „Of an Age“ , снимен во Австралија, додека истовремено во Македонија го снимаше неговиот прв македонски филм „Домаќинство за почетници“.

    Столевски на Санденс 2018 победи за најдобар краток филм со „Види ја ти неа“, а во 2020 во првиот рок на Конкурсот на Агенцијата за филм беше поддржан со 21.5 милиони денари (350 илјади евра) за македонското деби „Домаќинство за почетници“ .

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира