Вестерн филмот „Раст“, со Алек Болдвин во главната улога, вчера беше премиерно прикажан на филмскиот фестивал Камераимиџ во Полска, оддавајќи ѝ почит на кинематограферката Халина Хачинс, која пред три години беше смртно застрелана со револвер што Болдвин го користел на пробите.
Во јули годинава, судијка во Ново Мексико го отфрли случајот против него за ненамерно убиство. Хана Гутиерес-Рид, реквизитерката која му дала пиштол на Болдвин пред тој да ја убие Хачинс на снимањето, доби 18 месеци затвор.
Премиерата на меѓународниот фестивал Камераимиџ во Торуњ почна со едноминутно молчење, а заврши со аплауз на крајот на проекцијата. Филмот во Полска го претстави режисерот Џоел Соуза, кој беше ранет во инцидентот и на публиката ѝ рече дека првично по несреќата не можел да замисли да продолжи со продукцијата, па дури и да работи на филмски сет или да пишува.
„Едноставно, тоа премногу болеше“, рече тој.
Но, сопругот на Хачинс, Метју, сакал филмот да биде завршен и се вклучи како извршен продуцент.
„Нему му беше важно луѓето кои ја познаваа и сакаа Халина да ја видат нејзината последна работа“, рече Соуза.
На премиерата присуствуваше кинематограферката Бјанка Клајн, која ја продолжи работата на Хачинс. Болдвин не добил покана, а не дошла ниту мајката на Хачинс, која води приватен спор со него.