В. д. директорот на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица Слободан Ѓошиќ останува на функцијата до распишување на нов јавен оглас за избор на директор, откако министерката за култура Ирена Стефоска одлучи да не избере директор од пријавените тројца кандидати.
Министерството за култура во јануари годинава го избра Васил Бубев за директор, но тоа предизвика револт кај вработените, а одбиените кандидатки на конкурсот Јасмина Пијанманова и Оливера Аризанова- Мансбар го тужеа Министерството за култура.
Управниот суд летово ја поништи одлуката на Министерството за изборот на Бубев, по што судот одлучи дека тужбата на тужителите е основана, а Министерството имало неправилен и неоснован избор на директор. Во образложението на Управен суд стоеше дека се повредени правилата на постапката, што довело до погрешна примена на материјалното право. Министерството до Бубев испратило писмо со барање за дополнување на документацијата, но не испратило и до Пијанманова и Аризанова-Мансбарт, со што еден кандидат е ставен во повластена положба.
Судот му наложи на Министерството да го повтори изборот за директор.
Од кабинетот на Стефоска денеска соопштија дека и при повторната постапка за избор на директор, согласно одлуката на Управниот суд , се потврди првичното Решение на Министерството за култура дека единствен кандидат кој повторно ги исполни сите услови на Јавниот оглас е поранешниот директор Васил Бубев.
„Имајќи го предвид фактот дека кандидатките Јасмина Пијанманова и Оливера Аризанова-Мансбарт, и покрај укажувањето од Комисијата за селекција да ја достават потребната документација, тие тоа не го направиле. Поточно, едната кандидатка не доставила никаков дополнителен документ, а другата доставила сертификат кој што не соодветствува на меѓународно признаените сертификати утврдени во Законот за култура, предвидени во јавниот оглас. Со тоа кандидатките повторно не ги исполнија условите на Јавниот оглас. Во извештајот на Државниот управен инспекторат е констатирано дека кандидатот Васил Бубев во периодот додека бил директор на Центарот за култура ‘Антон Панов’ Струмица, ги прекршил член 10 од Законот за административни службеници и член 43 став 1 од Законот за вработени во јавниот сектор.
Од тие причини, министерката за култура, одлучи да не избере директор од пријавените тројца кандидати сè до распишување на нов Јавен оглас за избор на директор“, вели Министерството.
Б. НЕСТОРОСКА