„ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА“ НА МИТЕВСКА ОД ВЕЧЕРВА ИГРА ВО СИНЕПЛЕКС, ОД УТРЕ И ВО МИЛЕНИУМ

    „ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА“ НА МИТЕВСКА ОД ВЕЧЕРВА ИГРА ВО СИНЕПЛЕКС, ОД УТРЕ И ВО МИЛЕНИУМЕкипата на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на црвениот килим за светската премиера минатиот месец на 69. Берлинале (Фото: Продукицја „Сестри и брат Митевски“)

    Вечерва во 20 часот во киното Синеплекс е претпремиерата на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, а премиерата е утревечер во 20 часот киното Милениум во Скопје. Билетите за премиерата во Милениум чинат 150 денари. Редовни проекции во Синеплекс ќе има од денес од 19.30 часот и од 21 часот. Утре во Милениум репризата е во 22 часот, а наредните денови ќе игра во редовниот кинорепертоар.

    Светската премиера на филмот беше на 10 февруари на 69. Берлински филмски фестивал, каде освои две награди, на Екуменското жири и на Здружението на германските кина за авторски филм, паралелни награди на Берлинале што ги доделуваат независни жирија.

    Во продукција на „Сестри и брат Митевски“, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е инспириран од настанот што се случи на Водици во 2014, кога Борислава Васкова го фати крстот фрлен во реката Брегалница во штипско Ново Село, за потоа да ѝ биде одземен. Во главната улога е Зорица Нушева.

    Екуменското жири, составено од меѓународните филмски организации на Протестантската и Католичката црква ИНТЕРФИЛМ и СИГНИС, го награди филмот со образложение: „За смелото портретирање на трансформацијата на обесправена млада жена во гласна бранителка на женските права. Кога Петрунија спонтано ќе се фрли и ќе го фати крстот што в река го фрла попот во црковниот ритуал за млади мажи, таа ги крши црковните и општествените традиции. Нејзиното првично одбивање да го врати крстот ја ослободува нејзината внатрешна сила во соочувањето со институционалните конвенции и го открива Бог во неа“.
    Филмот доби позитивен одглас од публиката и критиката на Берлинале, особено за главната актерка Нушева. Играат и Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку.

    Од продукцијата велат дека од 30 април започнува и редовната кинодистрибуција на филмот во Франција, каде тамошниот дистрибутер „Пирамид“ ќе го дистрибуира филмот низ цела Франција.

    Прикажувањето на филмот започнува во Франција од 1 мај, па потоа „Петрунија“ продолжува во кинодистрибуција низ целиот свет од Далечниот Исток во Кина, Јапонија, до Австралија, преку Јужна Америка во Бразил и Колумбија, па на север до Канада, преку Турција и земјите од Блискиот Исток, до источна Европа вклучително Русија, Полска, Романија, Унгарија, Украина, па во западна Европа Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Луксембург, Шведска, Данска, и Швајцарија, до речиси секаде во соседството во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Грција. Се преговара и со САД, Германија и Мексико.

    Филмот е исто така е продаден и на телевизиската куќа Ејч-Би-О која ќе почне со прикажување откако ќе заврши светската кинодистрибуција.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари