ГРАД СКОПЈЕ 8 МЕСЕЦИ ЧЕКА ОДГОВОР ОД АТИНА ЗА ТРАНСПОРТ НА ДЕЛАТА ОД АКЦИЈАТА „ДОНИРАЈ УМЕТНОСТ“

    ГРАД СКОПЈЕ 8 МЕСЕЦИ ЧЕКА ОДГОВОР ОД АТИНА ЗА ТРАНСПОРТ НА ДЕЛАТА ОД АКЦИЈАТА „ДОНИРАЈ УМЕТНОСТ“„Мирто“, сито печат на хартија на Зоран Кардула (2018 година) и „Носталгија“, фотографија од серијал на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ од периодот 1987- 1999 година се меѓу донираните дела во знак на солидарност со настраданите во ланските пожари близу Атина (Фото: Фејсбук)

    Градот Скопје сѐ уште чека официјален одговор од Градот Атина, за преземање на уметничката колекција која лани во август беше собрана на донаторскиот настан „Донирај уметност“, велат за САКАМДАКАЖАМ. MК од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов, по реакцијата на иницијаторот на акцијата, дизајнерот Зоран Кардула, дека нема никаков одговор до каде е процедурата.

    После катастрофалниот пожар кој ја зафати околината на Атина и во кој загинаа повеќе од 100 лица, Кардула ја почна иницијативата, и за еден месец беа донирани донирани 73 дела од исто толку уметници.

    „Донираните дела требаше да се предадат на Градот Атина како знак на сочувство и солидарност од градот Скопје. Во таа насока се обратив до Град Скопје од каде добив поддршка во смисла на организирање и предавање на делата. На 3 септември делата беа изложени во Културно информативниот центар (КИЦ). На 10 септември Град Скопје ги подигна делата оттаму и ми го побараа списокот на сите дела и имињата на уметниците кои донираа за спремање на документацијата за Грција. Од тогаш до ден денешен делата не се предадени“, вели Кардула.

    Од Град Скопје велат дека како дел од договореното со организаторите, ја преземале обврската да воспостават комуникација со Градот Атина и нивните културни институции и да обезбедат трансфер на уметничките дела.

    „Градот Скопје воспостави официјална комуникација со Градот Атина во однос на донацијата, каде неколкупати им се обративме за превземање на истата. Од нивна страна добивме позитивен одговор, но дека претходно треба да изнајдат решение за тоа каде да ја складираат истата. По ова, направени се уште неколку обиди за комуникација, но до овој момент сѐ уште немаме повратен одговор од нивна страна. Сѐ додека немаме официјален повратен одговор од страна на Градот Атина, не можеме да кажеме со сигурност кога донацијата би била испратена до нив“, велат од Град Скопје.

    Кардула исто така реагира дека една од уметниците која учествувала со свое дело во акцијата го информирала оти едно дело кое било донирано, го видела во депото на Музеј на Град Скопје.

    „Крајно разочарувачки однос кон самата инцијатива и кон сите уметници“, вели Кардула, но од Град Скопје рекоа дека уметничките дела се складирани на безбедно место и „доколку некој од уметниците кои ги донираа делата сакаат да ги повлечат истите, секако дека можат тоа да го сторат“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира