МАКЕДОНСКИТЕ УМЕТНИЦИ ДОНИРАА 70 ДЕЛА ЗА АТИНА ПО ПОЖАРОТ, ГРАДОТ СКОПЈЕ ЌЕ ГО ПЛАТИ ИСПРАЌАЊЕТО

    МАКЕДОНСКИТЕ УМЕТНИЦИ ДОНИРАА 70 ДЕЛА ЗА АТИНА ПО ПОЖАРОТ, ГРАДОТ СКОПЈЕ ЌЕ ГО ПЛАТИ ИСПРАЌАЊЕТО„Мирто“, сито печат на хартија на Зоран Кардула (2018 година) и „Носталгија“, фотографија од серијал на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ од периодот 1987- 1999 година се меѓу донираните дела во знак на солидарност со настраданите во пожарите близу Атина (Фото: Фејсбук)

    Македонските уметници донираа околу 70 свои уметнички дела, кои во знак на солидарност ќе бидат испратени во Атина, по пожарот на 24 јули во Атика во кој загинаа 91 жител. Иницијативата „Донирај уметност“ на Фејсбук ја почна графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула, кој ни рече дека од самиот почеток целта била да се собере колекција која Градот Скопје ќе ја донира на Градот Атина.

    Кардула вели дека Градот вчера  официјално потврдил оти ја прифаќа донацијата од иницијативата и оти ќе ги сноси сите трошоци околу испраќањето до Атина.

    Во собраната збирка има графики, масла на платна, акварели, цртежи, неколку скултптури, дигитални илустрации, а најмногу има фотографии.

    „Задоволен сум од одѕивот и се радувам што толку многу уметници од срце донираа дело и ја покажаа солидарноста кон настраданите. Со Градот Скопје се договоривме пред да се испрати донацијата, да се направи изложба за да може да ја видат нашите граѓани. Со оглед на тоа дека е период на одмори, изложбата би била на крајот на август или почетокот на септември. Поради долгата процедура околу документацијата, но и за помине време додека се средат работите кај нив, донацијата ќе биде испратена на крајот на септември или почетокот на октомври“, ни рече Кардула.

    По пожарите близу Атина, Владата на Македонија рече дека ќе даде 6 милиони, а Град Скопје еден милион денари на Грција како помош за настраданите и за штетите од пожарите.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира