ГРЧКИОТ ГЕЈ ФИЛМ СО ПРВА РЕТРОСПЕКТИВА НА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    ГРЧКИОТ ГЕЈ ФИЛМ СО ПРВА РЕТРОСПЕКТИВА НА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛСолунскиот фестивал има голема ретроспектива на грчкиот квир/геј филм, со 38 куси и играни дела создадени од 1960-те до денеска во едно од најнепознатите поглавја во историјата на грчката кинематографија; - „Метеор и сенка“ на Такис Специотис од 1985

    „Крадци“ на јапонскиот автор Хироказу Коре-Еда го отвора вечера 59-то издание на Солунскиот филмски фестивал, специфичен по тоа што во селекцијата за награди се дебија или втори филмови на авторите. Солунскиот е најголемиот регионален филмски фестивал, а годинава во програмите за првпат ќе има и голема ретроспектива на грчкиот квир/геј филм, со 38 куси и играни дела создадени од 1960-те до денеска во едно од најнепознатите поглавја во историјата на грчката кинематографија.

    Во оваа програма се ретки филмови кои го создадоа жанрот, некои од нив никогаш не се прикажани поради конзервативните времиња, но и филмови во кои учествувале и луѓе кои се откриле како хомосексуалци, како и дела на етаблирани нови грчки геј автори кои ја претставија оваа кинематографија во светот.

    Кураторот на оваа програма проф. Константинос Кирјакос вели дека Солунскиот фестивал прави радикален гест со оваа ретроспектива во која се дела кои се „пионерски и уникатни, некои признаени и наградувани во странство, некои нефер потценети“.

    Во главната селекција, за наградите Златен и Сребрен Александар конкурираат 15 филмови од цел свет, а во жирито е и прочуениот романски режисер Раду Жуде.

    Годинава продолжува новата селекција за награди воведена лани, филмови снимени во виртуелна реалност, со 8 дела во конкуренцијата. Во Балкански преглед, една од најпопуларните програми на фестивалот играат најнови долгометражни и кусометражни филмови од регионот, а од Македонија годинава ќе игра кусиот „Види ја ти неа“ на Горан Столески. Меѓу ретроспективите е и онаа на романскиот филм од 1960-те до 2001.

    Фестивалот го следи и богата вонфилмска програма, како изложби, концерти и традиционалниот филмски маркет.

    Ова издание на Солунскиот фестивал ќе заврши на 11 ноември со белгискиот „Девојка“ на Лукас Донт.

    М. КОСТОВА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира