ИДИОТ И МОРОН СЕ НАЈКОРИСТЕНИ АНГЛИЗМИ ВО „БОМБИТЕ“, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА КАНАДСКАТА ЛИНГВИСТКА КРАМЕР

    ИДИОТ И МОРОН СЕ НАЈКОРИСТЕНИ АНГЛИЗМИ ВО „БОМБИТЕ“, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА КАНАДСКАТА ЛИНГВИСТКА КРАМЕР„Од'бомбите' можеме да видиме примери за разговорен јазик, улично ниво на елитата, што за нас лингвистите е ретка можност за анализа, дури и важен предмет за истражување“; - проф. Кристина Крамер денес во МАНУ (Фото: М. Златевска)

    Зборовите идиот и морон се најкористени англизми во таканаречените „бомби“ од 2015 година, објави денес професорката Кристина Крамер од Универзитетот во Торонто, Канада на меѓународната научна конференција „Динамика на македонскиот јазик“ во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). По нив најупотребувани англизми се: ок, супер, браво, бандит, перфиден, хоштаплер, покажа лингвистичката анализа на прислушуваните материјаликои во 2015 ги објави тогашната опозициска партија СДСМ.

    Професорката по предметите македонски јазик, како и јазик, политика и идентитет, пред гостите го претстави истражувањето насловено „Англизмите во македонскиот јазик, лексиконот на ‘бомбите”’. Крамер, говорејќи за англизмите како турцизми на 21 век, рече дека треба да се прави разлика меѓу англизми и интернационализми, поради фактот дека и во  англискиот јазик има многу заемки и тој бил под влијание на други јазици. Собрала список од сите можни интернационализми што не се ниту од турско ниту од македонско потекло и добила скоро 7.000 токени со повеќе од 2.000 одделни зборови.

    „Англизмите се витамини или вируси за македонскиот јазик. Македонскиот јазик е загрозен од напливот на заемки. Ако си писмен, не си хит“, вели професорката (Фото: М. Златевска)

    Кога ги извадила само англизмите и новите зборови, добила краток список со околу 220 зборови, но вели дека ова е само прв поглед и ќе следи уште работа.

    „Кога ги читав бомбите и сакав да ги извадам англиските зборови, проблемите веднаш ми паѓаа в очи. Дали бандит е од англиски или од италијански, дали морон е англиски или грчки. Во англискиот јазик зборот морон влегол од грчкиот, на почетокот на 20 век, со значење на ментално хендикепирани луѓе, а сега оваа употреба се чини или архаична или подбивна. Денес зборот доживува ренесанса во медиумите, откако претседателот на САД, Доналд Трамп беше наречен морон“, рече професорката.

    Таа ги наведе примерите од бомбите кога е користен морон во повеќе контексти како: „Овие морониве од А1 прашуваат за ова“, или „претседателот во Централен е морон“,„Ја им реков абе нешиве се морони“.

    „’Супер’ е интересен случај, оти со него гледаме како зборовите се интегрираат. Супер се користи и како извик, прилог и придавка, а во ‘бомбите’ се појавува 64 пати“, додаде лингвистката.

    Крамер го цитираше истакнатиот американски лингвист и еден од најпознатите македонисти во светот, академик  Виктор Фридман, кој во анализата презентирана во ноември, 2016 рече дека т.н. „бомби“ од лингвистичка точка претставуваат автентичен македонски разговорен јазик и така може да служат како јазичен корпус.

    Од тој корпус може да се изведуваат огромен број заклучоци, за употребата на современиот македонски разговорен јазик на неформално, може да се каже и улично ниво на разговорен јазик на елитата, што за нас лингвистите е ретка можност за анализа, дури и важен предмет за истражување.

    „Ќе видиме дека во бомбите нема антиквизација туку глобализација и културни заемки поврзани не само со бизнис, политика и технологија, туку и капитализам, криминал и корупција“, кажа Крамер.

    Професорката по предметите македонски јазик, како и јазик, политика и идентитет, пред гостите во МАНУ го претстави истражувањето насловено „Англизмите во македонскиот јазик, лексиконот на ‘бомбите”’ (Фото: М. Златевска)

    Таа додаде дека, како професор по македонски јазик, редовно ги следи написите во медиумите во Македонија, електронски и пишани, и има впечаток дека постои голема лингвистичка криза.

    „Англизмите се витамини или вируси за македонскиот јазик. Македонскиот јазик е загрозен од напливот на заемки. Ако си писмен, не си хит“, рече таа.

    Дводневната научна конференција „Македонистички денови во МАНУ“ ја организираше Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари