Изложбата „Македонија памети. Никогаш да не се повтори!“ организирана за 80 години од Холокаустот на македонските Евреи и Светскиот ден на музеите, е поставена во Ликовниот салон во Велес. Подготвена е од Државниот архив на Македонија и Институот за национална историја. Се состои од 19 паноа, на кои се претставени 70 фотографии и 110 архивски документи, кои обработуваат три различни временски периоди од историјата на Еврејската заедница во Македонија.
„Изложбата претставува заеднички институционален научно-истражувачки проект преку кој Државниот архив и Институтот за национална историја земаат директно учество во одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на Евреите од Скопје, Битола и Штип во логорот во Треблинка, на територијата на окупирана Полска. Државниот архив вклучувајќи се во сите јубилејни одбележувања за историските процеси е тука да нѐ потсети декаисторијата не се заборава така лесно и едноставно. Тука е да нѐ потсети дека постои за да истражуваме и пишуваме“, кажа д-р Јасмина Дамјановска раководителка на Одделение за публикување на архивски материјал.
Таа потсети дека процесот на депортацијата е забележан и во Велес каде до 1943 живееле две еврејски семејства, семејството Бити познати аптекари и семејството Кова, кое било депортирано во логорот Треблинка.
Семејството Бити благодарение на својата професија биле ослободени од бугарските власти, односно потребни како аптекари и лекари, иако биле уапсени, биле вратени во Велес. За семејството Бити познато е дека се преселило во Израел во 1948 и повеќе нема податоци за нив.
Автори на оваа изложба се проф. д-р Лина Жила од Институтот за национална историја, проф. д-р Александар Манојловски од Институтот за национална историја и Гоце Стојановски од Државен архив, подрачно одделение Битола.
Со изложбата Народниот музеј од Велес го одбележа 18 мај Светскиот ден на музеите.
П. ПЕЧКОВ