ИЗЛОЖБАТА УЛИЧНИ ФОТОГРАФИИ „ТАМУ“ НА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ОД УТРЕ ВО МСУ

    ИЗЛОЖБАТА УЛИЧНИ ФОТОГРАФИИ „ТАМУ“ НА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ОД УТРЕ ВО МСУИзложбата и книгата „Таму“ содржат 88 колор фотографии на Манчевски создавани во период од десет години по улиците на Индија, Њујорк, Виетнам, Русија, Македонија, Тајван, Куба, Турција, Црна Гора, Тексас. (Фото: МСУ)

    Изложбата фотографии „Таму“ од Милчо Манчевски се отвара утревечер (20 ч) во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје, а притоа ќе се промовира и истоимената книга фотографии во издание на „Антолог“. Поставката и книгата содржат 88 колор фотографии создавани во период од десет години по улиците на Индија, Њујорк, Виетнам, Русија, Македонија, Тајван, Куба, Турција, Црна Гора, Тексас…

    „Ги сликам оние моменти што улицата и луѓето ги нудат. Јас сум тука да им бидам на услуга и да ги артикулирам визуелно. Мигот станува вечност поради уметничката обработка – композицијата, боите, тактилноста… Немам агенда, едноставно го земам фотоапаратот секој ден и шпартам по улиците, каде и да сум во светот. Фотографијата се слика со затворена уста – не мораш ништо да објаснуваш“, вели авторот Манчевски.

    Немам агенда, едноставно го земам фотоапаратот секој ден и шпартам по улиците, каде и да сум во светот. Фотографијата се слика со затворена уста – не мораш ништо да објаснуваш“, вели авторот Манчевски. (Фото: МСУ)

    „Таму“ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, изложбите „Улица“ и „Пет капки сон“ кои исто така беа изложени во МСУ, а потоа патуваа во Њујорк, Шангај, Москва, Стокхолм, Софија, Италија, Франција, Доминиканската Република, Србија, Грција, Хрватска…

    „Таму“ ги отфрла границите – географските, формалните и другите, вели во предговорот на книгата Конор Мекгрејди, ирскиот уметник, критичар и декан на Колеџот за уметност „Бурен“, за новиот фотографски опус на Манчевски.

    „Уметничкиот пристап на Милчо Манчевски кон создавање слики постојано ги поместува границите и ги избегнува конвенциите. Во ‘Таму’, тој нѐ води на патување кое е исто толку за чинот на гледање, колку и за сетилното искусување на местото. Во овие проекти визуелната текстура на урбаниот живот се манифестира низ композициска и наративна игра, и овој динамичен и експериментален пристап кон создавање слики го обликува ‘Таму’. Бојата е клучен слој што ги дефинира овие дела. Избива од полиња урбано сивило, ја заситува перспективата на сликата или функционира како централен елемент во композициски колаж. ‘Таму’ ги отфрла границите – географските, формалните и другите. Како таква, ‘Таму’ може да биде каде било, и на крајот е секаде“, вели Мекгрејди.

    Со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хаштаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop) со кој посочува дека неговите фотографски дела не се ниту кропирани, ниту манипулирани во постпродукција. (Фото: МСУ)

    Со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хаштаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop) со кој посочува дека неговите фотографски дела не се ниту кропирани, ниту манипулирани во постпродукција. Тие се моменти на уличното секојдневие естетизирани во мигот на улов.

    Кураторката на изложбата Бојана Јанева-Шемова смета дека уникатноста на уметничката фотографија на Манчевски е во визуелниот јазик, кој допира до секого поради универзалните емоции кои зрачат од интеракцијата на ликовите, поставеноста на елементите кои ја градат композицијата и колоритот кој напати остава без здив.

    „Визуелната моќност е присутна во сите негови дела, сугерирана пред сѐ од композициската структура до совршеност донесена во некои дела преку прочистена и смирена симетрија, во некои тенденциозно прекршена со цел да пренесе поинакво чувство. Колку и да се на прв поглед непретенциозни секвенците од ‘Таму’, при задлабочување полека откриваат слоеви на обмислена идеја, длабоки чувства и силни бои на животот во целост“, вели Јанева-Шемова.

    „’Таму’ ги отфрла границите – географските, формалните и другите. Како таква, ‘Таму’ може да биде каде било, и на крајот е секаде“, вели исрскиот критичар Конор Мекгрејди. (Фото: МСУ)

    Книгата „Таму“ е мултимедијален книжевно-уметнички проект. Издавачката куќа „Антолог“ и Манчевски го работеа повеќе од две години. Книгата во тврди корици и на хартија со внимателно избран квалитет е печатена во „Датапонс“, а самите фотографии во голем формат за изложбата се печатени во „ПиксПлус“. Дизајнот на книгата е на Моника Стојчевска, а колор обработката на Александар Петревски и Орце Поповски.

    Книгата ќе биде достапна за продажба веќе од утре во целата дистрибутивна мрежа на „Антолог“, која ги вклучува книжарниците „Антолог“ и електронската книжарница антолог.мк, како и над 30 други продажни места низ целата држава. Изложбата е поддржана од Министерството за култура како дел од Годишната програма за 2020 на Музејот, а отворањето ќе се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија. Книгата е поддржана и од Град Скопје и од Алкалоид.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира