„Кајмак“ е една безобразна комедија, вели најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски за својот седми филм, чие снимање почнува на 6 јули во Скопје. „Кајмак“ по сценарио на Манчевски е европска копродукција, поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватка и Бугарија и од паневропскиот фонд Еуримаж. Македонски продуцент е „Банана филм“, продуцира Јане Ќортошев, а копродуцент е и Македонската радиотелевизија (МРТВ).
Продукцијата најавува дека „Кајмак“ е црна комедија или среќна трагедија за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот на филмот.
„Филмот е безмилосна критика на лицемерието на малограѓанштината“, вели екипата.
Говорејќи за симболиката на насловот, Манчевски на денешната прес-конференција рече дека сам се наметнал, но во една рака е буквален, оти често во филмот гледаме кајмак зашто ликот Виолетка (Ана Стојановска) продава кајмак на пазар, а Карамба (Александар Микиќ) секој ден купува од неа и затоа жена му (Симона Спировска) го кара.
„Се разбира, тука се сите симболики кои произлегуваат од зборот кајмак, како кремот, како најубавото, и како прашање што е всушност најубаво и за што вреди да се живее“, кажа Манчевски.
Говорејќи за жанрот, Манчевски рече дека смета оти секоја уметност создава измешани или комплексни чувства. Кичот создава едноставни чувства, вели тој.
„Пишувањето ми е местото каде најпрво се задоволува креативниот имплус и местото кое најмногу сакам да го посетувам. Најубаво покрај пишувањето ми е работата со глумци и монтажата. Ние скоро 2 години се здрвивме од работа да се напише филмот, да го исфининасираме, подготвиме. Допрва нѐ чека многу работа да се сними и да се пласира филмот, ама тоа е една многу слатка работа. Не само затоа што правиме една убава уметност туку затоа што ја имам таа чест и таа радост да работам со група на луѓе кои не се само талентирани професионалци, туку и добри луѓе. Животот е прекраток за да работиш со лоши луѓе“, рече режисерот, чиј последен филм „Врба“ премиерно беше прикажан во 2019 на Римскиот филмски фестивал, освои бројни награди по светските фестивали, собори рекорди на гледаност во македонските кина и беше македонски кандидат за Оскар.
Во „Кајмак“ играат актерите Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов и Крсте Роџевски.
Тоциновски, Климоска, Стојановска и Микиќ веќе играа во филмовите на Манчевски, „Врба“, „Сенки“ и „Пред дождот“ и денес рекоа дека се чувствуваат на безбеден терен, но и дека особено се радуваат што со некои колеги за првпат ќе работат.
„Екипата е особено горда што во оваа најтешка пандемиска година, токму овој филм доби поддршка и од европскиот филмски фонд Еуримаж, што е несомнено огромна потврда за вредноста на проектот“, рече продуцентот Ќортошев.
Македонија учествува со 48 проценти, додека 52 проценти од средставата доаѓаат од странство. Филмот ќе се снима на локации низ Скопје и во две села во околината.
Продукциски дизајнер е долгогодишниот соработник на Манчевски, Дејвид Манс од Велика Британија, кој рече дека иако одлично ја познава Македонија, секојпат има да се открие „нова планина, ново село, нова улица“.
Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, кој кажа дека „Кајмак“ има универзална и актуелна тема за тоа дека различностите треба да се почитуваат и дека тоа не зближува и како луѓе и како современи култури.
Кастинг директорка е Милка Анчевска, а костимографка Жаклина Крстевска.
Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер-Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчар во мракот“ на Фон Трир и „Се за љубов“ на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Ијан Прајор од британската „Скала продакшнс“.
Б. НЕСТОРОСКА