„Кајмак“ на Милчо Манчевски ја освои Наградата на публиката на 21. издание на филмскиот фестивал во Тирана, што заврши синоќа. Ова е четврта награда за „Кајмак“ за еден месец, откако претходно освои Награда за најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, како и Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) во Херцег Нови, а Манчевски доби Специјална награда на i-fest во Калабрија, Италија.
„Кајмак“ минатата недела го отвори Тиранскиот фестивал, а како што соопшти продукцијата „Банана филм“, Манчевски, беше пречекан со огромни почести од културната и политичка јавност на Албанија, а одржа и мастерклас на тема „Наративни стратегии“. Во Тирана, албанската државна новинска агенција, АТА, го наслови интервјуто со Манчевски „Уметник кој му објави војна на компромисот“ и го нарече „уметник со кој се гордеат нашите соседи во Македонија“, па продолжи: „Како и секој вистински уметник, тој шокира и го презира конформизмот“.
Во октомври следува премиерата на „Кајмак“ и во Амстердам, а филмот продолжува и со фестивалскиот живот низ светот.
„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек, велат од продукцијата „Банана филм“.
„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија).
„Агенцијата за филм сè уште ги блокира двата проекти на Манчевски, ‘Кајмак’ и ‘Збогум, Копакабано!’ (работен наслов ‘Биста’), спротивно на одлуката на судот и на правното мислење на Министерството за култура. Јавна поддршка за Манчевски изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Федерацијата на здруженија на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Виселблоуниг интернешнл“, велат од продукцијата.
„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија во 2022.