ЛИКОВИТЕ ВО „КАЈМАК“ СЕ ЖРТВИ И ДУШМАНИ, НО ПУБЛИКАТА ТРЕБА ДА СОЧУВСТВУВА СО НИВ, НЕ ДА ИМ СУДИ, ВЕЛИ МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА НОВИОТ ФИЛМ

    ЛИКОВИТЕ ВО „КАЈМАК“ СЕ ЖРТВИ И ДУШМАНИ, НО ПУБЛИКАТА ТРЕБА ДА СОЧУВСТВУВА СО НИВ, НЕ ДА ИМ СУДИ, ВЕЛИ МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА НОВИОТ ФИЛМДел од екипата на „Кајмак“ на чело со режисерот Манчевски на денешниот прес во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Наместо да суди публиката за ликовите, треба да сочувствува со нив, иако тие во исто време се и жртви и душмани, вели најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски пред македонската премиера на неговиот седми филм „Кајмак“ на 16 ноември.

    „Кајмак“ имаше извонредна светска премиера на 26 октомври на Филмскиот фестивал во Токио, премиерата во Скопје е во Филхармонијата, а веќе од 17 ноември ќе игра во 30 градови во земјава. Во Скопје од 17 ноември филмот ќе игра во кината на Синеплекс и Милениум.

    „Направивме напор да го прикажеме филмот во секоe кино каде има техничка можност за прикажување“, вели продуцентот Јане Ќортошев, а режисерот додава: „Филмот треба да го видат граѓаните, снимен е со нивни пари и наша должност е да го прикажеме“.

    На денешната прес-конференција со Манчевски, Ќортошев беа и актерите Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Александар Микиќ и Камка Тоциновски, од кои најголем дел веќе имаат работено со него.

    Манчевски вели дека „Кајмак“ е љубовна приказна за возрасни, црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

    „Комшијата е најважната институција во една малограѓанска средина. Но, секое добро уметничко дело те кани да го ѕирнеш светот со поинакви очи. „Кајмак“ ја кани публиката да не суди, туку да сочувствува со ликовите – а сите тие се во исто време и жртви и душмани“, рече Манчевски.

    „Кајмак“ е снимен по сценариото на Манчевски, и говорејќи за тоа, тој кажа дека кога го пишува сценариото, не му дава на режисерот да влезе во собата.

    „Дури откако ќе ја завршам книгата, почнувам со Милка Анчевска да работам на кастингот. Тоа го правам за да не се случи практичните попреки да влијаат на сценариото, од типот на ‘Ова не може да се сними и слично’“, рече режисерот.

    Климоска и Стојановска споделија за одличниот прием во Токио и Тајпеј, дека иако не се дозволени реакции за време на филмската проекција, забележале дека публиката се смее на време на некои сцени.

    „Искуството во Токио беше фузија на ултрамодерно и традиционално. Црвениот килим беше посебно искуство, зборуваме за култура на ред и хармонија. Филмот им се допадна многу на Јапонците, а и на нас. Импресиите од разговорите со публиката беа дека филмот ги насмеал, расплакал и ги замислил, интересно беше дека не следеа по проекцијата, не само на фестивалот, туку и на улица за да земат автограми од нас“, велат Климоска и Стојановска.

    Микиќ, кој го игра ликот на Карамба, кажа дека воопшто не му било тешко да го создаде ликот, бидејќи е секој ќе се препознае, и „крадел“ по некоја карактерна особина од луѓе кои ги познава.

    Манчевски, Тоциновски и Ќортошев на пресот во Филхармонија. (Фото: К. Попов)

    Киноприкажувањето низ Македонија е закажано во:  Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп и Штип. Премиерата во Битола и Гевгелија е закажана за 23 ноември.

    Во филмот кој се снимаше во Скопје играат и: Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други. Данска копродуцентка на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а извршен продуцент е Иан Прајор од британската „Скала Продакшнс“.

    Македонски продуцент на филмот е „Банана филм“. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга, дизајнер на звук Херман Пиете, кастинг директорка Милка Анчевска, костимографка Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на „Дејниш стринг квартет“ и Игор Василев-Новоградска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира