САКАМ ДА ЗНАМ СÈ ЗА МАКЕДОНИЈА И ДА ПРОБАМ КАЈМАК – РЕАКЦИИ ВО ТОКИО ЗА ФИЛМОТ НА МАНЧЕВСКИ

    САКАМ ДА ЗНАМ СÈ ЗА МАКЕДОНИЈА И ДА ПРОБАМ КАЈМАК – РЕАКЦИИ ВО ТОКИО ЗА ФИЛМОТ НА МАНЧЕВСКИ„Кајмак“ е во конкуренцијата на фестивалот во Токио, а Манчевски одржа и мастреклас за публиката и студентите. (Фото: Принтскрин од видео ТИФФ)

    Македонскиот режисер Милчо Манчевски чиј седми филм „Кајмак“ имаше светска премиера во конкуренцијата на фестивалот во Токио, неделава одржа и мастерклас кој имаше голем одглас кај публиката и во медиумите. За мастеркласот пишува и најголемото стручно списание „Варајати“ во голем текст посветен на предавањето.

    „Милчо Манчевски перфектно ја одигра ролјата на ѕвезда на уметничкиот филм на ТИФФ во четвртокот, кога одржа мастерклас што беше елоквентен, хумористичен, пркосен и по малку заканувачки“, пишува „Варајати“ во текстот во кој се цитираат делови од излагањето на Манчевски на мастеркласот. Меѓу нив и советот кој тој го дава на студентите: „Сите кратки филмови што ги снимив беа обид да купам време и да го научам занаетот. Мој совет е снимај, снимај, снимај. Па снимај уште повеќе. Прави филмови наместо да зборуваш за нив“. Зборувајќи за креативните предизвици, авторската слобода и одлуките да снима вон холувудскиот систем и за тоа дека повеќе му лежи европската врска која публиката ја има со уметникот, на прашањето дали треба да се биде верен на жанрот Манчевски меѓу другото вели: „Сакам нови предизвици. Мислам, особено за уметниците, тоа те држи буден и жив. А како уметник, суштествено е да си играш како дете. Но, потоа да си многу дисциплиниран во изведбата“.  Тој кажува и за тоа колку му е важен долгиот процес на кастинг на глумци и долгите проби пред снимањето и заклучува: „Енергијата и изгледот на актерот се донекаде важни, но не толку многу“.

    „Мастеркласот на Милчо Манчевски во Токио е бескомпромисен микс на мраз и оган“, е насловот во „Варајати“ за предавањето. (Фото: Принтскрин)

     Продукцијата на филмот соопшти дека организаторот  на фестивалот го покани Манчевски да одржи мастерклас за јапонските студенти и публика, укажувајќи му исклучителна чест затоа што тој е единствен претставник од Европа и Америка покрај претседателката на жирито Џули Тејмур.

     Присутните бевме потикнати и инспирирани од начинот на кој размислувате и како му пристапувате на филмот “, рече Шозо Ичијама, програмскиот директор на фестивалот, кој го модерираше мастеркласот.

     Во публиката, покрај бројните студенти и професионалци, беше и јапонскиот оскаровец, Рјусуке Хамагучи, режисерот на „Вози ја мојата кола“. Тој дојде да го слушне предавањето и да се запознае со Манчевски. По мастеркласот двајцата наградувани автори зборуваа подолго за нивните индивидуални пристапи кон режисерскиот занает, велат од продукцијата.

     Во меѓувреме, излезе и големо интервју со Манчевски за „Холивуд репортер“ во кој режисерот зборува за тешкотиите да се остане верен на уметноста, за „Кајмак“ како собирање крем на животот, за мајчинство, за антолошкото хипхоп видео…  

    Во публиката на мастеркласот, покрај бројните студенти и професионалци, беше и јапонскиот оскаровец, Рјусуке Хамагучи, режисерот на „Вози ја мојата кола“. (Фото: Продукција Кајмак)

     Средбите на Манчевски со неколку од највидните азиски режисери беа проследени со внимание, а фановите пишуваат за филмот и постојано бараат автограми и селфиња. Освен, Хамагучи, кој рече дека средбата со него била стимулативно искуство за него, на мастеркласот дојде и еден од најитересните јапонски режисери Јоичиро Такахаши, долгогодишен пријател на Манчевски. Покрај режирање,  Такахаши сега работи и како ментор на млади режисери во други земји низ Азија во име на јапонската национална телевизија НХК.

    Манчевски и актерките Сара Климоска и Ана Стојановска со публиката во Токио. (Фото: Продукција Кајмак)

     Во Токио Манчевски повтроно се сретна и со најславниот тајвански режисер Цаи Минг-Лианг, со кого пред 25 години во Венеција го освоија Златниот лав, а првпат после толку години се видоа во Тајпеј 2019 година, кога „Врба“ беше премиерно прикажан на фестивалот „Златен коњ“.  Минг-Лианг, кој идниот месец има голема ретроспектива во центарот Жорж Помпиду во Париз, одушевен од наградуваниот експериментален филм на Манчевски, кубанско-американската ко-продукција „Крајот на времето“, понуди да работат филм заедно.

    Со режисерите Јоичиро Такахаши (лево) и Цаи Минг-Лианг. (Фото: Продукција Кајмак)

    Манчевски имаше и формални разговори со публиката по првите две проекции. Потоа беше окружен од Јапонците која бараше селфиња и автограми, но организаторите кои се придржуваат на строгиот ковид-протокол, инсистираа ова да се случува во блискиот парк. Некои од фановите, возбудени од средбата со режисерот, напишаа на Твитер: „Кајмак беше поуникатен, отколку што очекував. Филмот има многу смешни ситуации, но содржи во себе и чувство на иронија, која го осудува морализирањето“ … „Слатка и горчлива комедија… Кремаст Кајмак… Комплициран вкус на животот“. „Ви благодариме многу за прекрасниот филм! Го гледав „Кајмак“.  Филмот изобилува со прекрасна енергија, па се исполнив со среќа. Навистина ме трогна секој лик… Сакам да знам сè за Македонија и да се обидам да јадам Кајмак!!!!! Ви благодариме што дојдовте во Јапонија“.

    Исто така, книгите на Манчевски станаа дел и од библиотеките Шочику и Националниот филмски архив на Јапонија.

    По Токио, следната недела „Кајмак“ ќе игра во селекцијата на фестивалот „Златен Коњ“ во Тајпеј, Тајван. Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира