Режисерот Милчо Манчевски ќе биде првиот македонски уметник чие творештво ќе има сеопфатно претставување во Азија. Тој одвоено е поканет да гостува пред кинеската публика од три големи институции во Шангај, Кина и од 17-26 јуни ќе има циклус на филмовите, изложба фотографии, ќе му биде издадена книга и ќе одржи предавање.
Оваа покана на институциите од Шангај е неповрзана со македонското Министерство за култура, соопшти С-Прес.
Еден од најголемите фестивали во Азија, Филмскиот фестивал во Шангај организира циклус проекции на филмовите на Манчевски на јубилејното 20. издание. Ќе бидат прикажани македонските филмови на Манчевски кои се европски копродукции, но и неговите американски и кубански филмови.
Неговиот филм „Пред дождот“ беше прв македонски филм прикажан во Кина и наиде на голем успех. Овој филм има култен статус во Кина, особено во академската средина каде се изучува како пример на наративната структура. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој.
Менаџерот на Шангајскиот фестивал Мао Лијун вели дека филмската академија го предава „Пред дождот“ „како библија во филмската нарација во три чина“. Поради ова, на покана од Филмскиот институт во Шангај при тамошниот универзитет, Манчевски ќе одржи мастерклас под наслов „Збор, слика и време“ во Кинескиот музеј на уметноста.
Непосредно потоа, галеријата при шангајската „Хсинхуа паблишинг груп“ организира изложба на фотографски пентаптихови на Манчевски под наслов „Сонувајќи ги ву јан песните“, според песните со пет кинески букви од династијата Танг. По тој повод, „Хсинхуа“ издава и книга со фотографии и есеи на Манчевски. Милчо Манчевски е и член на жирито на главната програма на фестивалот во Шангај.
Последниот краток експериментален филм на Манчевски, американско-кубанската копродукција „Крајот на времето“, во април освoи награда на филмскиот фестивал Аспен Шортфест 2017 во САД, каде што ја имаше и светската премиера. Фестивалот е квалификуван во номинациите за Оскар.
До крајот на годинава се очекува и светската премиера на неговиот нов американски долгометражен игран филм „Бикини Мун“.
Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди и признанија, меѓу кои и почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент Спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други. „Њујорк тајмс“ го вброи неговиот филм „Пред дождот“ во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.