МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА СМЕТА ДЕКА ЗА ДА НЕМА ГОВОР НА ОМРАЗА КОН БУГАРИЈА УМЕТНИЦИТЕ ТРЕБА ДА ТВОРАТ „ВО ДУХОТ КОН ТОА ШТО ЌЕ ГО РАСПОЛОЖИ НАРОДОТ И ПУБЛИКАТА“

    МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА СМЕТА ДЕКА ЗА ДА НЕМА ГОВОР НА ОМРАЗА КОН БУГАРИЈА УМЕТНИЦИТЕ ТРЕБА ДА ТВОРАТ „ВО ДУХОТ КОН ТОА ШТО ЌЕ ГО РАСПОЛОЖИ НАРОДОТ И ПУБЛИКАТА“Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ова го кажа на прашањето дали ставката за спречување говор на омраза во билатралниот Протокол со Бугарија ќе значи и цензура на творештвото. (Фото: СДК.МК)

    „Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро“, кажа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прашањето дали ставката за спречување говор на омраза во билатералниот Протокол со Бугарија ќе значи и цензура на творештвото. Ова прашање таа го одговори во видеоприлогот на оваа тема на Гласот на Америка на македонски јазик.

    Дилемите во македонската јавност во врска со тоа што, според Протоколот, е говор на омраза и кој ќе го утврдува тоа се големи, особено што според член 16 од Уставот цензурата е забранета, а слободата на говорот е загарантирана.

    „И впрочем, што е говор на омраза? Дали историската вистина е говор на омраза?, прашува во прилогот писателот Петар Андоновски и додава: „ Целата макдонска проза е базирана на тој таканаречен историски наратив, на пример Петре М. Андреевски многу често зборува за бугарската окупација.Дали тоа значи дека ќе треба да ги цензурираме книгите на Петре?“.

    Вториот билатерален Протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017, согласно членот 12 од него, на 17 јули во Софија го потпишаа министрите за надворешни работи на Бугарија и Македонија, Теодора Генчовска и Бујар Османи. Потпишувањето на протоколот е дел од преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска беше дел од македонската делегација на потпишувањето на Протоколот.

    Во Протоколот, кој е записник од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, во третата точка се вели дека во врска со спречување на говорот на омраза, двете држави, меѓу другото се обврзуваат и на следново:

    „Двете држави да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство,
    добрососедство и соработка, и во овој контекст, секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект“.

    Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска во изјавата за Гласот на Америка во врска со ова вели дека „Министерството за култура нема да ја има улогата на полицаец и да демне кој што ќе направи. Слободата на уметникот е голема и тој има право да се изрази и никој нема право тоа да го ограничи во ниту еден момент“, но исто така смета и дека:

    „Секој филм којшто ќе ја промовира македонската култура, којшто ќе го помовира македонскиот индивидуалитет какви сме ние како Македонци би требало да има поддршка. Но сепак, мора да бидеме свесни дека мора да одиме напред, мора да се ослободиме и дека историјата не смее повеќе нам да ни биде затвор, треба да ни биде лекција“, вели министерката за култура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира