МИНИСТЕРОТ АДЕМИ ЌЕ ЧЕСТИ РУЧЕК АКО АЛБАНСКИ ТЕАТАР БИДЕ ГОТОВ ВО ОКТОМВРИ

    МИНИСТЕРОТ АДЕМИ ЌЕ ЧЕСТИ РУЧЕК АКО АЛБАНСКИ ТЕАТАР БИДЕ ГОТОВ ВО ОКТОМВРИДиректорот на Албанскитот театар Адем Карага и министерот за култура Асаф Адеми денес се прошетаа низ објектот, на кој сѐ уште има скелиња, висат кабли и има еден куп градежни материјали и отпаден шут (Фото: СДК.МК )

    По пет години реконструкција, Албанскиот театар во Скопје во октомври ќе биде пуштен во употреба, а изградбата наместо 8, ќе чини 9, 1 милион евра. Министерот за култура Асаф Адеми и директорот на Албанскиот театар Адем Карага денес заедно со одговорните за изведување и за надзор, како и со медиумите, се прошетаа низ објектот на кој сѐ уште има скелиња, висат кабли и има еден куп градежни материјали и отпаден шут.

    Тие на Адеми, кој е дипломиран градежен инженер и бил управен директор на канцеларијата на меѓународната компанија ИНСКЕЈЛ Глобал во Скопје, му презентираа во која фаза е реконструкцијата, на што тој низ смеа искоментира: „Не морате толку да ми објаснувате, јас сум градежен инженер“.

    На констатацијата дека Театарот ќе биде готов во октомври годинава, министерот повторно весело рече: „Честам ручек ако биде готов до октомври“.

    Зградата почна да се реновира во јануари 2014 година, и тогаш беше најавено дека ќе биде готова до септември 2015 година. Отворањето е најавено за во октомври (Фото: СДК.МК )

    „Објектот е при крај, има веќе фасадно осветлување, плафоните се при крај, штом ги затвориме плафоните, ќе го поставиме подот. Јас сум долги години во оваа работа и тврдам дека до октомври ќе биде целосно завршен, можеби инфраструктурата малку ќе не задржи. Ние само го подобруваме и вметнуваме работи што одговараат на денешницата. Електриката и машинството се сосема нови. Се задржавме бидејќи основниот проект е направен  во 2010 година, и моравме да адаптираме опрема и да ги следиме новите трендови. Ентериерот ќе биде во сите нијанси на сива боја, искомбиниран со индиго боја“, ни рече Роска Неделковска од Градежен институт Македонија, одговорна за надзор на електрични инсталации, сценски технологии и аудиовизуелни системи.

    Зградата почна да се реновира во јануари 2014, и тогашниот премиер Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, најавија дека ќе биде готов до септември 2015 и ќе чини 8 милиони евра. Во 2015, фирмата изведувач „Ламоне Мореда“ од Италија банкротираше и обврските ги презема „Шенције“ исто така од Италија.

    На основниот договор од 2014 склучени се четири анекс договори, два во 2016 и два во 2017, со ставка за вишоци работи и непредвидени работи. Вкупниот буџет колку ќе чини целосната реконструкција изнесува 590.140.697, 99 денари, или 9, 1 милион евра.

    На новинарско прашање дали ќе има ревизија за реконструкцијата, директорот Карага рече дека се отворени за сѐ што компетентните институции мислат дека треба да се направи.

    „Досега не се преземени такви активности, но доколку има барање од Театарот или службите во Министерството за култура утврдат неправилности, ќе побараме од Државниот завод за ревизија или надворешно тело да изврши ревизија околу документацијата“, рече Адеми.

    Театарот има 82 вработени, од кои 37 актери, а изминативе пет години е сместен во просториите на Театар Комедија, каде ја делат сцената заедно со Комедија и со Турски театар.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира