МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА НЕ ГЛЕДА НИ КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ, НИ МОРАЛНА ПРЕЧКА ШТО ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИИ ДОБИЈА ПАРИ ЗА ПРОЕКТИ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА НЕ ГЛЕДА НИ КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ, НИ МОРАЛНА ПРЕЧКА ШТО ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИИ ДОБИЈА ПАРИ ЗА ПРОЕКТИМинистерот за култура Роберт Алаѓозовски смета дека правото на учество во конкурси е уставно гарантирано право и дека Министерството не смее кому било да му го одземе тоа право. Министерството не се осврнува на фактот дека ако членовите на комисиите сакале да го искористат своето уставно право да конкурираат со свои проекти, можеле да се откажат од учество во комисиите (Фото: Влада на РМ)

    Министерството за култура смета дека нема конфликт на интереси ниту морална пречка во тоа што уметникот Тони Васиќ, историчарката на уметност Ивана Васева и драматургот и новинар Сашо Кокаланов се меѓу лицата чии проекти ќе добијат пари од државата, а самите беа членови на комисиите кои одлучуваа за проектите во Годишната програма на Министерството за култура.

    Од кабинетот на министерот Роберт Алаѓозовски за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека нема конфликт на интереси, бидејќи членовите на комисиите не биле во позиција да одлучуваат за проектите во кои учествуваат, туку тие проекти биле оценувани од други комисии во сосем други дејности.

    „Имено, според член 63 став 3 од Законот за култура , претседателот и членовите на комисиите, односно надворешните соработници доставуваат писмена изјава дека немаат судир на интереси во однос на пристигнатите пријави на годишните конкурси од членот 62 став (1) од овој закон. Сите претседатели и членови на комисии доставија такви изјави. Се работи за проекти што конкурирале во други дејности, а во кои овие истакнати културни работници и уметници, со долгогодишни кариери кои се одвиваат во континуитет се појавуваат како учесници. Во ниту еден случај тие самите не учествувале во носењето одлуки за проектите во кои тие самите учествуваат. Дел од нив, откако станаа членови на комисиите ги повлекоа своите претходно поднесени пријави или учеството во проекти, а дел од нив се само еден од многу учесници во организација на проекти и настани со долгогодишна традиција што добиваат поддршка од Министерството во континуитет. На пример, Сашо Кокаланов, член на комисијата за издавачка дејност, објасни дека аплицирал со книга драми, но откако се согласи да биде во комисијата, ја повлече пријавата поради судир на интереси, а за проектот на Филип Херин, точно е дека се согласил да направи драматизација на романот на Ѕвездан Георгиевски пред да знае дека ќе биде во комисија за издаваштво. Средствата на конкурс ги добила продукцијата, а Кокаланов ја извести јавноста дека таа ќе треба да ангажира друг драматург на проектот“, велат од Министерството и додаваат:

    „Правото на учество во конкурси е уставно гарантирано право. Ние не смееме било кому да му го одземеме тоа право, доколку за тоа не постои причина. Во овој случај, нема конфликт на интереси бидејќи членовите на комисиите не носеле одлуки за своите проекти, за нив одлуките биле носени од сосем други комисии, па следствено на тоа Министерството нема право да донесува одлуки со кои би се дерогирале уставните права на граѓаните на еднаков пристап до можностите за поддршка што ги нуди Министерството“, велат од Министерството за култура.

    Учеството во комисија не е уставно право, туку е платен ангажман. Министерството не се осврнува на фактот дека ако членовите на комисиите сакале да го искористат своето уставно право да конкурираат со свои проекти, можеле да се откажат од учество во комисиите.

    На прашањето колкав е хонорарот на претседателите и членовите на комисиите кои одлучуваа за проектите кои ќе бидат поддржани, од Министерството одговорија дека „хонорарот на членовите на комисиите ќе зависи од обемот на работа, не само во процесот на селекција туку и понатамошниот процес на консултации и прецизирања на проектите со добитницит на поддршката во текот на целата година“.

    „Министерството ќе ја има предвид сумата за хонорарите во минатото, која се движела помеѓу 30.000  и 45.000 денари“, одговорија од Министерството за култура.

    Министерството за култура не одговори на три прашања на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК:

    • Како и зошто е дозволено, проекти на претседател и членови на комисии во една област да бидат поддржани од комисии во други области?
    • Дури и да нема правна пречка, дали сметате дека е морално членовите кои биле избрани да бидат во комисии, да добијат пари за проекти во истиот конкурс?
    • Дали Министерството за култура ќе ги поништи одлуките во врска со поддржаните проекти на членовите на комисиите?

     

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира