МНТ ИЗГУБИ НА СУД ОД РЕЖИСЕРКАТА НЕЛА ВИТОШЕВИЌ, НЕ ЈА ПРИМИЛЕ ПОРАДИ ПОЛИТИЧКИ НЕСОГЛАСУВАЊА

    МНТ ИЗГУБИ НА СУД ОД РЕЖИСЕРКАТА НЕЛА ВИТОШЕВИЌ, НЕ ЈА ПРИМИЛЕ ПОРАДИ ПОЛИТИЧКИ НЕСОГЛАСУВАЊА„Ваков случај на неправда не беше направен само кон мене, туку и кон многу други глумци, режисери, драматурзи и сето се разбира на сметка на протекционизмот и/или поддржувачите на тогашниот режим.“.- Нела Витошевиќ

    Режисерката Нела Витошевиќ ја доби тужбата против Македонскиот народен театар и го поништи конкурсот за вработување режисери од пред три години, одлучи вчера Апелациониот суд во Скопје. Во Министерството за култура велат дека ќе ја почитуваат одуката на судот и  сега на режисерите кои тогаш биле примени на работа ќе им престане работниот однос.

    Витошевиќ тужела затоа што била убедена дека не ја примиле на работа затоа што не се согласувала со политичката опција што тогаш беше на власт. Тогаш одлуката за вработување на режисерите ја потпишал уметничкиот директор Дејан Пројковски. На тогашниот конкурс, беа вработени младите режисери Нина Николиќ и Дамјан Читкушев.

    Директорот на МНТ, Драган Спасов-Дац ни изјави дека не бил запознаен со оваа ситуација досега и дека токму денес ги разгледува документите.

    Од Министерството за култура велат дека ќе ја почитуваат одлуката на судот.

    „Де факто,на режисерите кои во 2014 година биле примени,сега им престанува работниот однос. Сега не можеме да распишеме конкурс,но по завршување на изборите,ќе се распише конкурс,откако ќе се утврди колку режисери му се потребни на МНТ“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за култура

    Витошевиќ во 2014 година, по распишаниот конкурс на Македонскиот народен театар за вработување на режисери, беше одбиена, по што поднесе тужба, бидејќи, како што напиша на својот Фејсбук профил, тврди дека требала да се најде на врвот на листата за таа функција.

    „Се сеќавам на следното утро кога се разбудив со три бели влакна на главата, со огромни подочњаци и со чувство на празнина и болка во желудникот. После тоа повраќав три дена, иако знам дека маката не можеш да ја повратиш. Омаловажувачко е чувството кога ќе бидеш фрлен на маргините само затоа што гласно зборуваш дека не се согласуваш со нечии политики, со култура која е роб на партија, а од истите причини твојот талент е изнегиран, изгужван како употребено парче хартија и фрлен во корпа за ѓубре“, стои на фејсбук статусот на Витошевиќ.

    Таа вели дека ваков случај на неправда не бил направен само кон неа, туку и кон многу други глумци, режисери, драматурзи и „ сето се разбира на сметка на протекционизмот и/или поддржувачите на тогашниот режим“.

    „За разлика од повеќето, јас одлучив правдата да ја барам на суд и покрај тоа што знаев какви егзистенцијални и професионални последици ќе ми донесе оваа моја одлука. Престанав да добивам проекти, ми симнуваа претстави од репертоар, ме отфрлаа на секој можен начин и тоа во за мене клучен момент во кариерата. Ама бев убедена дека оваа битка ќе ја терам до крај“, стои на нејзиниот фејсбук статус по пресудата на Апелациониот суд.

    Во пресудата од Апелациониот суд, која од вчера е правосилна стои: „Согласно со горенаведеното, а како тужениот не доставил доказ дека одлуката е донесена во согласност со Законот, а од аспект на тоа дека по огласот се избрани кандидати кои ги исполнуваат условите, правилно првостепениот суд го усвоил тужбеното барање на тужителката и ја поништи како незаконита одлуката за избор на кандидати за вработување на режисери бр. 0402 – 5325/1 од 25.12.2014 година донесена од уметничкиот директор (Дејан Пројковски) на НУ Македонски Народен Театар – Скопје“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира