МНТ ЈА ОТВОРА СЕЗОНАТА СО ПРЕМИЕРАТА НА „БЕСАЧИ“, ДРАМА ЗА СМРТНАТА КАЗНА

    МНТ ЈА ОТВОРА СЕЗОНАТА СО ПРЕМИЕРАТА НА „БЕСАЧИ“, ДРАМА ЗА СМРТНАТА КАЗНАГлавната тема во текстот „Бесачи“ е смртната казна, а дејството се случува во 1960-ите во Англија (Фото: Стефан Н. Штерев)

    Претставата „Бесачи“, по текст на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, а во режија на Јавор Грдев од Бугарија, вечерва (20 часот) премиерно ќе се изведе во Македонскиот народен театар (МНТ).

    Главната тема во текстот „Бесачи“ е смртната казна, која во речиси сите европски земји е исфрлена од казнениот систем. Дејството се случува во 1960-ите во Англија. Смртната казна во Англија во тоа време се извршувала со бесење и во принцип, бесачите првично биле затвореници, а занаетот се пренесувал од колено на колено.

    Го прашавме режисерот Грдев зошто мисли дека токму оваа тема треба да се актуелизира?

    „Всушност, не ја актуелизирам јас, туку самото време. Широко распространетиот конзервативен тренд во светската политика на еден неочекуван начин штотуку ја врати таа дебата на општественатата сцена. САД пред скоро време на федерално ниво ги обновија извршувањата на веќе изречените смртни пресуди, кои со тек на долги години беа под мораториум. Уште поскоро, британскиот премиер Борис Џонсон ја назначи Прити Пател за државен секретар на Велика Британија, а која до пред само неколку години учествуваше во дебати апелирајќи за враќање на смртната казна. Во последно време таа отстапи од нејзиниот став, но прашањето сѐ уште виси во воздухот и покрај тоа што смртната казна во Англија е укината уште во 1960-те години, кога се случува дејството на нашата претстава. Една толку општествено и технолошки напредна држава како Јапонија, сè уште ја одржува смртната казна, а ова лето изврши две смртни пресуди и тоа со бесење“,  вели режисерот за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Актерот Благој Веселинов и режисерот Јавор Грдев (Фото: К. Попов)

    Во претставата играат Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев.

    Веселинов игра еден од тројцата бесачи, заедно со Никола Ристановски и Јордан Симонов.

    „Бесачите се слуги на круната. Дејството се одвива после серија бесења за кои немало доволно докази. Во нашава драма тоа е Хенеси. На почетокот ние бесиме човек кој физички не можел да биде на местото на злосторот, затоа што претходната вечер бил 300 километри подалеку, меѓутоа судот го осудил. Се работи за тоа дека доколку не те обесат, а си невин, постои шанса да се докаже тоа и еден ден да ја поправиме грешката со тоа што ќе те пуштиме на слобода“, ни рече глумецот.

    Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург е Дејан Дуковски, а преводот на текстот го направи Благоја Бошковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор на музиката е Калин Николов и извршен продуцент на претставата е Симона Угриновска.

    Репризата е утревечер, а следните изведби се закажани на 8  и 9 октомври. Претставата е наменета за публика над 18 години.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира