ПУБЛИКАТА САКА ДА СЕ ПЛАШИ ОД СМРТТА И ДА ГО СПОДЕЛИ ТОА, ВЕЛИ ЈАВОР ГРДЕВ КОЈ РЕЖИРА ПРЕТСТАВА ЗА СМРТНАТА КАЗНА ВО МНТ

    ПУБЛИКАТА САКА ДА СЕ ПЛАШИ ОД СМРТТА И ДА ГО СПОДЕЛИ ТОА, ВЕЛИ ЈАВОР ГРДЕВ КОЈ РЕЖИРА ПРЕТСТАВА ЗА СМРТНАТА КАЗНА ВО МНТ„Публиката длабоко во себе љуби да стравува од смртта и да го сподели тој страв со другите во театарот. Затоа и нашите ликови - бесачите, долго време биле носители на хорор-фолклорот, којшто опстојувал до втората половина на дваесеттиот век, а по укинувањето на смртната пресуда го наоѓа своето прибежиште во делата од хорор-жанрот“, вели бугарскиот режисер Јавор Грдев за претставата „Бесачи“ на Мартин Мекдона што ја режира во МНТ. (Фото: Ј. Лозева )

    Бугарскиот режисер Јавор Грдев, еден од најзначајните современи европски театарски автори, привршува со пробите за претставата „Бесачи“ во Македонскиот народен театар (МНТ). Досега поставил повеќе од 35 претстави во повеќе земји низ Европа и е добитник на над 45 награди.

    Грдев го одбра текстот на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, познат по црни комедии, како „Сакатиот од Инишман“, „Поручникот од Инишмор“, „Човек перница“ и „Убавицата од Линејн“. Тој е и етаблиран сценарист и режисер на филмовите „Во Бриж“, „Седум психопати“ и „Три билборди пред Ебинг, Мисури“.

    За својата прва режија во Македонија, Грдев вели дека дошол со очекување за продлабочена и творечки провокативна комуникација со актерите.

    „Јас се исполнувам и се мотивирам од смислена и взаемно збогатувачка комуникација. Таа ме задржува во театарот и ми го одржа буден интересот кон него во текот на сите овие години. Убеден сум дека најмногу може да се зближиш со другите во два случаи – во љубовниот чин и во творечкиот чин“, вели Грдев за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Од актерите единствено барам чесност. Чесната незатскриена игра бара смелост и отвореност во односот кон самиот себе и е најголемо достоинство кое актерската игра може да го има“, вели Грдев (Фото: А. Јанкулова)

    Вели дека не е посветен експерт во поглед на случувањата во театарот во Македонија, но во текот на годините гледал ниту премал, ниту преголем број македонски претстави. Едноставно, вели, доволно за да добие задоволителна слика за контекстот во кој влегува. Во текот на последната година веќе изгледал шест македонски претстави и една во Црна Гора со изразито македонско учество.

    За тоа како се одлучил за текстот „Бесачи“, Грдев вели дека секогаш ги бира текстовите што ги работи според повеќе околности организирани во сложена мотивациска нишка: драматуршкото мајсторство, сопственото љубопитство кон проблематиката која се третира во текстот, општествениот контекст, меѓународната и локалната политичка ситуација, актерскиот ансамбл, динамиката на соодноси во него, карактерите на луѓето со кои работи, митологијата во јавноста создаден аоколу нив, големината и можностите на зададениот сценски простор, интензитетот на трагичното чувство во текстот и на него спротивставената остра смисла за хумор.

    Главната тема во текстот „Бесачи“ од Мартин Мекдона е смртната казна, која во речиси сите европски земји е исфрлена од казнениот систем. Го прашавме зошто мислите дека токму оваа тема треба да се актуелизира?

    „Всушност, не ја актуелизирам јас, туку самото време. Широко распространетиот конзервативен тренд во светската политика на еден неочекуван начин штотуку ја врати таа дебата на општественатата сцена. САД пред скоро време на федерално ниво ги обновија извршувањата на веќе изречените смртни пресуди, кои со тек на долги години беа под мораториум. Уште поскоро, британскиот премиер Борис Џонсон ја назначи Прити Пател за државен секретар на Велика Британија, а која до пред само неколку години учествуваше во дебати апелирајќи за враќање на смртната казна. Во последно време таа отстапи од нејзиниот став, но прашањето сѐ уште виси во воздухот и покрај тоа што смртната казна во Англија е укината уште во 1960-те години, кога се случува дејството на нашата претстава. Една толку општествено и технолошки напредна држава како Јапонија, сè уште ја одржува смртната казна, а ова лето изврши две смртни пресуди и тоа со бесење“, ни рече режисерот.

    „Основната причина што текстот ’Бесачи‘ го поставувам во МНТ е што театарот располага со актерски ансамбл кој е во состојба да понесе проект со таква тежина. Уште од 2015 ја имам предвид оваа пиеса“, вели режисерот (Фото: Д. Ненчев )

    Неколку месеци пред почетокот на пробите дојде во Скопје за да се сретне со сите актери во ансамблот и да направи кастинг.

    „Без тој кастинг никогаш не би се решил да направам подела за оваа пиеса. Личниот контакт е многу посилен и кажува многу повеќе од контактот стекнат од фотографии, видеозаписи, извадоци од филм и слични посредни начини при правењето на толку важен избор. А од актерите единствено барам чесност. Чесната незатскриена игра бара смелост и отвореност во односот кон самиот себе и е најголемо достоинство кое актерската игра може да го има“, вели Грдев.

    Во претставата играат Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски и Трајче Ѓоргиев.

    На прашањето што сака публиката во Европа денес да гледа, Грдев вели дека Европа е премногу општ поим за да може на ова прашање да се одговори точно.

    „На одредени места во Европа со сцената доминира постдрамскиот театар, на други места сè уште добро се држи артикулираното сиже, на трети места театарот е изместен од паратеатарски перформативни пракси. Европа, едноставно, е многу разнолика. Таа е обединета само административно и во смелите политички мечти. Но, ако се загледаме внимателно во пиесата на Мекдона, ќе видиме дека тој уловил една вечна желба на публиката – да се претвори смртта во шоу, во панаѓур. Таа огромна желба на публиката е позната одамна. Тоа е единственото што останува непроменето во времето. Публиката, длабоко во себе љуби да стравува од смртта и да го сподели тој страв со другите во театарот“, вели Грдев и додава:

    „Затоа и нашите ликови – бесачите, долго време биле носители на хорор-фолклорот, којшто опстојувал до втората половина на дваесеттиот век, а по укинувањето на смртната пресуда го наоѓа своето прибежиште во делата од хорор-жанрот. Нашиот главен херој во пиесата е еден од последните легендарни рапсоди на ужасот – мрачна ѕвезда на градскиот фолклор, кој ги води своите клиенти низ длабочините на страшното, исто како што Вергилиј го водел Данте низ круговите на пеколот. Тој е еден од последните примероци на тој исчезнат вид перформери – егзекутор, сведок, раскажувач и истражувач на смртта. Како што откривме во текот на пробите, тој имал своја аналогија и во пределите на Југославија. Последниот бесач во оваа земја, исто така, бил и ѕвезда на панаѓурите, каде ги раскажувал страшните приказни и како сувенири успешно ѝ продавал на изненадената публика парчиња од јажето со кое ги бесел осудените“, кажа режисерот.

    „Убеден сум дека најмногу може да се зближиш со другите во два случаи – во љубовниот чин и во творечкиот чин“, вели Грдев (Фото: Ј. Лозева )

    Грдев смета дека денес не постои ниту една закана за театарот.

    „Мислам дека после повеќекратното прогласување на неговата смрт, на театарот му претстои – а и веќе му се случува – триумфално враќање врз основа на една многу едноставна и базична причина, тој е една од малкуте целосни алтернативи за жива и присутна творечка интеракција на човечкиот колектив. Во театарот човечките суштества се заедно и директно зависат еден од друг. Без посредници. Тука и сега. Во самиот момент. Тоа му дава убиствена предност, која тек сега ќе се бара и цени“, рече тој.

    Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, а драматург е Дејан Дуковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор е Калин Николов. Извршна продуцентка на претставата е Симона Угриновска, а премиерата е најавена на 24 септември на големата сцена на МНТ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира