НЕМАШЕ ВРЕМЕ ДА СЕ УСОГЛАСАТ ОРКЕСТАРОТ И ТЕНОРОТ РАМ ЉАХАЈ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА МОБ РИСТОВ И ДЕМАНТИРА ДЕКА КОНЦЕРТОТ БИЛ БОЈКОТИРАН

    НЕМАШЕ ВРЕМЕ ДА СЕ УСОГЛАСАТ ОРКЕСТАРОТ И ТЕНОРОТ РАМ ЉАХАЈ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА МОБ РИСТОВ И ДЕМАНТИРА ДЕКА КОНЦЕРТОТ БИЛ БОЈКОТИРАНРам Лахај важи за еден од најистакнатите пејачи во неговата генерација и е добитник на престижни оперски признанија. - Од концертот во МОБ (Фото: Министерство за култура)

    Директорот на Македонската опера и балет (МОБ) Васко Ристов вели дека се шпекулации написите дека Оркестарот го бојкотирал или саботирал концертот на тенорот од Албанија Рам Љахај, кој се одржа во четвртокот. Ристов вели дека концертот бил во во целосна организација на независниот фестивал Сцена на албанската сериозна музика, кој по седми пат го организира Здружението „Алегрето“.

    „Оркестарот на МОБ беше договорен да биде изнајмен како музичка поддршка на тенорот Рам Љахај. Поради технички причини и недостаток на време за музичко и техничко усогласување, организаторот и тенорот донесоа одлука концертот да се изведе без ангажирање на оркестарот на МОБ. Публиката беше соодветно информирана и концертот помина со музичка поддршка од пијанист при што сè беше во најдобар ред“, вели директорот за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Ристов додава дека уште посилно се спротивставува на дезинформациите оти причините за одлуката која ја донесе независниот фестивал, наводно, имале етничка позадина.

    „Напротив, ваквите надворешни проекти за МОБ и за Оркестарот на МОБ се повеќе од добредојдени. МОБ цврсто стои на ставот дека музиката ги надминува националните граници“, рече Ристов.

    Организаторот на фестивалот Фатос Лумани, вели дека изведувачи од светска класа, како што се Рам Лахај или Давид Кресцензи, заслужуваат не помалку од нивното уметничко ниво, но можеби на оркестрите на нашата земја им треба повеќе време да го постигнат тоа ниво, а времето е скап луксуз за овие светски уметници.

    „За да не губиме временски и за да не го загрозиме уметничкото ниво на концертот, во последен момент решивме да го ангажираме меѓународниот пијанист, Генц Тукичи. Во врска со ова прашање, не сакаме да размислуваме со националистичка реторика, иако времето на избори секогаш води кон оваа насока. Не можеме да ги потврдиме или негираме причините за неодговарање кон барањата на диригентот во одреден момент и на одредено ниво од страна на оркестарот на МОБ. Она што можеме со сигурност да го кажеме е дека имаше посветеност и добра волја од директорот на МОБ Васо Ристов и раководството на оваа институција, за реализирање на овој концерт. Ова нè прави во иднина без двоумење да продолжиме со соработката со оваа институција“, стои во изјавата на Лумани.

    Министерството за култура објави дека министерот Асаф Адеми присуствувал на концерот на Ламај, на кој со него настапиле и други реномирани имиња како сопранот од Русија, Венера Гимадиева, баритонот Кирил Манолов и мецоспранот Ирена Кавкалевска.

    „Рам Лахај е еден од најистакнатите пејачи во неговата генерација и е добитник на престижни оперски признанија. Редовно настапува со светски познати изведувачи на оперските сцени ширум светот, во Париз, Москва, Хелсинки и на многу други места“, вели Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари