„НЕШТО СЛАТКО“ ГО СНИМИВМЕ БЕЗ БУЏЕТ, СО МНОГУ КОМПРОМИСИ, НО ЦЕЛТА Е ПУБЛИКАТА ДА УЖИВА, ВЕЛИ САШКО КОЦЕВ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА СЛОВЕНЕЧКИОТ ФИЛМ

    „НЕШТО СЛАТКО“ ГО СНИМИВМЕ БЕЗ БУЏЕТ, СО МНОГУ КОМПРОМИСИ, НО ЦЕЛТА Е ПУБЛИКАТА ДА УЖИВА, ВЕЛИ САШКО КОЦЕВ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА СЛОВЕНЕЧКИОТ ФИЛМ„Нешто слатко“ од утре е на репертоарот во киното Синеплекс. - Тин Водопивец и Сашко Коцев.(Фото: К. Попов)

    Словенечката романтична комедија „Нешто слатко“, со македонските глумци Сашко Коцев и Јелена Јованова, утре (20 часот) ќе има премиера во скопското кино Синеплекс, и почнува да игра на репертоарот. Режисер е Тин Водопивец, познат стенд-ап комичар од Словенија, а Коцев, еден од најангажираните актери во македонскиот театар, е копродуцент и косценарист заедно со Уршка Мајдич. Коцев се потпишува и како кастинг-директор. Македонски партнер е „Процес К продукција“.

    Водопивец вели дека филмот е нискобуџетен, дека продукциски морало да се прават многу компромиси и поради пандемијата и ковид протоколите, но и поради неочекуваните откажување на спонзорите.

    „Сакавме филмот да изгледа модерно, топло, камерата да е добра, да не се гледа дека е нискобуџетен“, додава тој.

    Коцев вели дека со Водопивец се познаваат преку нивните стенд-ап настапи по различни фестивали во Словенија, Србија, Македонија и отсекогаш имале чувство дека имаат ист вкус за работите.

    Коцев и Водопивец, кој исто така се појавува во филмот, рекоа им се случиле безбрoј непланирани ситуации, кои подоцна ги чинеле повеќе пари отколку што било првично планирано. (Фото: К. Попов)

    „Сакавме да направиме филм за првата и последната шанса во животот на човекот, за лажно и погрешно или какво било идеализирање и идеологизирање на луѓето, на некои одредени личности и за она што во светот прави и војни, а се вика пи-ар. Пи-арот е наша секојдневница, може да те направи бог и може да те направи просјак. Сите тие големи работи сакавме да ги ставиме во еден филм, но да го направиме тоа на еден питок начин, да го сместивме во жанрот ром-ком, романтична комедија. Сите ќе кажат ова е комерцијален филм, така? Јас велам: Што значи комерцијален филм? Низ годините станал еден термин кој звучи потценувачки. Секој филм треба да биде комерцијален. Публиката ќе дојде и ќе ужива во филмот и после ќе оди на пијачка“, рече Коцев на вчерашната проекција за новинари, а Водопивец се надоврза: „Сакавме да направиме филм за луѓето, кога ќе го гледаат да заборават на сè“.

    Според режисерот, филмот немаше да постои да не беше Сашко Коцев, филмот е пишуван за него. Коцев и Водопивец, кој исто така се појавува во филмот, вчера споделија повеќе анегдоти од снимањето на филмот, како на пример дека им се случиле безбрoј непланирани ситуации, кои подоцна ги чинеле повеќе пари отколку што било првично планирано.

    Екипата е задоволна од досегашниот прием во Словенија, каде го виделе околу 10.000 луѓе. Се планира филмот да игра и во Битола, Кочани, Велес и во Свети Николе.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира