НОБ ЌЕ КУПИ ИНСТРУМЕНТИ, ПУЛТОВИ И СТОЛИЦИ СО ЈАПОНСКА ДОНАЦИЈА ОД 663 ИЛЈАДИ ЕВРА

    НОБ ЌЕ КУПИ ИНСТРУМЕНТИ, ПУЛТОВИ И СТОЛИЦИ СО ЈАПОНСКА ДОНАЦИЈА ОД 663 ИЛЈАДИ ЕВРАДиректорот на НОБ Васо Ристов, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, јапонската амбасадорка Кеико Ханеда и Џиро Такеичи, извршен директор на Јапонската агенција ЏАЈКА денеска го потпишаа културниот грант. (Фото: К. Попов)

    Националната опера и балет (НОБ) ќе купи музички инструменти, пултови, столици и опрема за осветлување и озвучување во вредност од 663 илјади евра со донација на Владата на Јапонија. Јапонската амбасадoрка во државава Кеико Ханеда и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, Џиро Такеичи, извршен директор на Јапонската агенција за меѓународна соработка ЏАЈКА Балкан и директорот на НОБ Васо Ристов денеска го потпишаа договорот за грантот. Ова е втор грант од јапонската Влада за културата во државава, откако во 2001 помогна да се обноват инструментите во Филхармонијата.

    „Јапонија сака преку оваа помош да се подобри квалитетот на изведбите во Националната опера и балет, збогатените активности да помогнат во едукацијата и градењето на капацитетите кај младите во Северна Македонија и да се подобри  взаемното разбирање на заедниците преку култура“, рече амбасадорката Ханеда.

    Такеичи кажа дека наскоро ќе биде формиран тим кој ќе го подготви тендерот за набавка на опремата, и дека сите треба да бидат трпеливи додека да стигнат новите инструменти и опрема.

    Османи, кој е и национален координатор за странска помош, и директорот Ристов се заблагодарија за директната поддршка од Јапонија во културниот и цивилизацискиот развој на земјава.

    Јапонската амбасада изминативе два месеца поддржа уште шест мали проекти,  достигнувајќи вкупно 15 приматели на 724.936  евра помош за основни човекови потреби во сите региони во земјата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари