ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ОД НАЈВИСОК СТЕПЕН ЗА ПРВАТА ИЗЛОЖБА НА ЗЛАТНИТЕ МАСКИ, НАЈАВУВА ДИРЕКТОРОТ НА АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈ

    ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ОД НАЈВИСОК СТЕПЕН ЗА ПРВАТА ИЗЛОЖБА НА ЗЛАТНИТЕ МАСКИ, НАЈАВУВА ДИРЕКТОРОТ НА АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈЕдна од двете погребни златни маски кои се наоѓаат во Националниот институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија

    Златните маски од Требеништа, Охрид, заедно со сите останати наоди од оваа богата некропола кои се наоѓаат во музеите во Бугарија, Србија и Македонија, во чест на 100-годишнината од откривањето на некрополата за првпат заедно ќе бидат изложени на голема заедничка изложба во Археолошкиот музеј во Скопје, во ноември годинава.

    Директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека преговорите за реализацијата на оваа изложба со колегите од Националниот археолошки музеј од Софија и од Народниот музеј од Белград почнале уште лани, а од самиот почеток подршка за оваа иницијатива од Македонија била добиена и од дипломатскиот кор на овие земји во државава.

    Околу осигурувањето и безбедноста на скапоцените експонати, Санев вели дека Археолошкиот музеј има обезбедување од највисок степен, видео надзор и физичко обезбедување и оти сите гаранции се обезбедени.

    Некрополата Требеништа, која се наоѓа кај селото Горенци во близината на Охрид, била случајно откриена во 1918, при копање ровови од бугарски војници. Бројните златни, сребрени и бронзени предмети од гробовите биле пренесени во Музејот во Софија каде и денес се наоѓаат. Истото се случува и со следните наоди од истражувањата во 1932 и 1934 кои ги извел Народниот Музеј од Белград.

    Меѓу бројните луксузни предмети се и прочуените четири златни маски, од кои денес две се изложени во Националниот институт и Музеј при Бугарската академија на науките во Софија и две во Народниот музеј во Белград. Наодите датираат од 6 век пред. н. е.

    Со македонските ископувања во Требеништа во 1972 од Заводот и Музеј од Охрид, биле откриени погребувања и од помладите хронолошки рамки на оваа некропола, а наодите кои се наоѓаат во Охрид исто така ќе бидат дел од изложбата. Меѓу нив е и златната маска најдена кај Горна Порта во 2011.

    „Има голема симболика во организирањето на изложбата. Со изложбата всушност одбележуваме два 100-годишни јубилеја. Ние наодите од Требеништа ги обединуваме по 100 години од нивното откривање, а пред широката публика ќе бидат претставени во ноември, токму во месецот кога пред 100 години завршила Првата светска војна“, вели Санев.

    На изложбата ќе бидат претставени над 400 оригинални предмети, меѓу кои златни погребни маски, ракавици, накит, бронзени кратери и воена опрема.

    Изложбата во Скопје ќе трае пет-шест месеци, по што ќе биде изложена и во музеите во Софија и Белград.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари