ОД ОХРИД НА 9 АВГУСТ ПОЧНУВА МУЗИЧКИОТ КАРАВАН ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ, ВО СТРУМИЦА ЌЕ СВИРАТ „МЕМОРИЈА“, „МИЗАР“ И „СИНТЕЗИС“

    ОД ОХРИД НА 9 АВГУСТ ПОЧНУВА МУЗИЧКИОТ КАРАВАН ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ, ВО СТРУМИЦА ЌЕ СВИРАТ „МЕМОРИЈА“, „МИЗАР“ И „СИНТЕЗИС“Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Влатко Стефановски, Игор Дурловски и Ана Дурловски ќе настапат на настанот на Плоштадот Македонија на 1 септември заедно со Хосе Карерас. (Фото: К. Попов)

    Со мултимедијален настан и концерти во 11 градови низ Македонија, на 9 август од стадионот „Билјанини извори“ во Охрид започнува музичкиот караван по повод 35 години од независноста на Македонија. Настанот е насловен „Силно светнал ден“.

    „Преку музика, глума и танц ќе биде раскажана приказната за трите и пол децении независност, со осврт на најзначајните историски моменти, предизвици и достигнувања на државата“, објавија од продукцијата „Авалон“, која заедно со Владата организира неколку настани по повод Денот на независноста, 8 Септември.

    На 15 август, во Градскиот парк во Струмица, со почеток во 20 часот, ќе настапат трите познати македонски бендови „Меморија“, „Мизар“ и „Синтезис“.

    Во пресрет на Денот на независноста, музичкиот караван ќе гостува во вкупно 11 градови низ Македонија, а организаторите најавуваат дека останатите места ќе бидат дополнително објавени.

    „Последниот настан ќе биде на 4 септември на Плоштадот Македонија во Скопје, каде што повеќе од 120 уметници ќе настапат на завршниот сценски перформанс по повод јубилејот – 35 години независност на Македонија“, велат од „Авалон“.

    Во рамките на програмата, славниот шпански тенор Хосе Карерас и некои од најпознатите македонски музичари ќе настапат на Плоштадот Македонија во Скопје на 1 септември. Како и настапот на Дејвид Гета на скопскиот стадион „Тоше Проески“ на 8 септември, и концертот насловен „Хосе Карерас и македонскиот ол-старс“ ќе биде отворен за јавност.

    Меѓу македонските ѕвезди ќе настапат Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски. Целиот концерт ќе го придружува Оркестарот на Филхармонијата.

    Колку ќе се плати за Дејвид Гета, Хозе Карерас и останатите настани од државниот буџет, ќе биде кажано дури по објавувањето на сите настани.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира