ОХРИД НЕ E БЕТОНСКИ РАЈ, ДОАЃАЈТЕ СО РЕСПЕКТ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКА НА ОТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКО ЛЕТО

    ОХРИД НЕ E БЕТОНСКИ РАЈ, ДОАЃАЈТЕ СО РЕСПЕКТ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКА НА ОТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКО ЛЕТО„Охридското Езеро е редок дар, а не базен“, рече министерката во Античкиот театар. (Фото: Принтскрин од видео)

    Охридско-струшкото крајбрежје е мир, а не бетонски рај. Замолувам и повикувам, доаѓајте со респект во Охрид. Охрид не е забавен парк, рече вечерва министерката за култура Ирена Стефоска на отворањето на 61. Охридско лето во Античкиот театар. Стефоска говореше дека ниту Охрид е без Охридско лето, ниту Охридско лето е без Охирд, и дека магијата е взаемна како што е магичен и целиот регион.

    „Посетете ја питомата Струга, Струга не е само уште еден град. Прошетајте ја живописната Дебрца. Дебрца не е депонија. Искачете ја Галичица и напојте го погледот со убавина. Галичица не е само уште една планина. Охридското Езеро е редок дар, а не базен“, рече министерката.

    УНЕСКО на 22 јуни ја објави предлог-одлуката Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на Светско наследство во опасност на претстојниот состанок на Комитетот за Светско наследство во Фужоу, Кина, кој ќе се одржи од 16-31 јули.

    „Регионот е волшепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја сочуваме – не заради УНЕСКО, туку заради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест“, додаде  Стефоска.

    Пораката во име на уметниците ја пренесе уметничката директорка на Балетот во Националната опера и балет (НОБ) Олга Панго, која кажа дека уметниците ќе ја пренесат пораката онака како што најдобро знаат – од сцената, која последнава година и половина премногу им недостасува.

    Фестивалот за отворен го прогласи покровителот, претседателот Стево Пендаровски.  Свеченото отворање  е со проектот „Големиот Чајковски“ на НОБ. На сцената на Античкиот театар излегоа над 90 уметници: балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на НОБ, под диригенство на Бисера Чадловска.

    До 20 август, на Охридско лето ќе има 34 концерти и шест театарски претстави, во кои ќе учествуваат над 500 уметници од 18 земји.

    Затворањето е со Југословенско драмско позориште од Белград со претставата „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ во режија на Егон Савин.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира