ОТКАКО БЕШЕ ОДБИЕН ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ, СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ДОБИ 3 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА

    ОТКАКО БЕШЕ ОДБИЕН ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ, СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ДОБИ 3 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРАПрвичните резултати од објавениот конкурс за Годишната програма за национален интерес во културата беа поништени. - Оливер Белопета и Костадин Шурбановски од СЏФ и Офф-Фест (Фото: СДК.МК)

    Скопскиот џез фестивал доби 3 милиони денари од Министерството за култура, од побарани 7 милиони 775 илјади денари, откако беа поништени првичните резултати од објавениот конкурс за Годишната програма за национален интерес во културата. Програмата беше објавена на 8 февруари, но поради скандалозните одлуки и бурните реакции од јавноста, премиерот Зоран Заев поништи еден дел од програмата, и заедно со министерот за култура Асаф Адеми дадоа дополнителeн рок на одбиените проекти да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци. Стручните комисии по одделни дејности од 12 февруари почнаа со повторно разгледување на сите одбиени апликации на конкурсот за Годишната програма.

    Откако исто така беше првично одбиен, сега е поддржан и Офф-фест, со 1 милиони денари, од побарани 6 милиони денари. Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе добие 150 илјади денари, од побарани 480 илјади денари за фестивалот Здраво млади. Радиото Стотројка доби 60 илјади денари, од побарани 977.850 денари за фестивалот 103 генерации, додека „Пасворд продукција“ за Д фестивалот доби 1 милион денари, а побарале 6 милиони денари.

    Културниот центар „Интерарт“ доби 1 милион и 500 илјади денари, од побарани 6 милиони, за организирање на 15-то јубилејно издание на „Танц фест Скопје“, а Интерфест од Битола доби 1 милион и 300 денари, од побарани 3 милиони и 100 илјади денари. Радио Бубамара за манифестацијата Златна бубамара на популарноста доби 300 илјади денари, од побарани 1 милион денари. Здружението „Алегрето“ од Тетово, за сцена на албанска сериозна музика добија 3 милиони денари, од побарани 10 милиоони денари.

    „По првично објавените резултати, откако беа увидени формални недостатоци во документацијата на дел од пријавите и во согласност со Законот за општа управна постапка (член 39 став 3) на апликантите им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за нив. Исто така, беше извршен и детален преглед на бодовите за секоја ставка од конкурсите, а беа одржани и средби со дел од културните оператори. Повторното разгледување на пријавите беше извршено согласно принципите на професионалност, разновидност и креативност, следејќи го гласот на културните работници и професионалци. Во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, по добиеното решение може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата не го одлага извршувањето“, стои на официјалната страница на Министерството.

    Оттаму велат дека со цел во иднина да се избегнат недоразбирањата или недостатоците при јавните конкурси, како и начинот на бодувањето и моделите на финансирање на проектите во културата, културните оператори можат да дадат свој придонес во изготвувањето на нов современ закон за култура со кој овој ресор ќе ги добие сите потребни системски решенија за кои се залага и се во интерес на културната јавност во државата.

    До донесување на новиот закон, Министерството за култура со иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ во чиј состав се повеќе невладини здруженија од областа на културата, формираа работна група која ќе работи на измени и дополнувања на актуелниот закон во делот на моделите за финансирање и на критериумите за оценување.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира