Белградската публика на популарниот Фестивал на авторски филм (ФАФ) синоќа со овации ја поздрави европската премиера на најновиот игран филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“. Продукцијата соопшти дека бројни љубители на делото на Манчевски останаа пред влезот затоа што салата беше распродадена, гледачи седеа и на подот.
„Публиката дишеше со филмот, гласно реагираше на комичните и емотивни сцени, а на крајот ги поздрави Манчевски, актерите Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Ана Костовска и Марин Гавриловски, продуцентот Јане Ќортошев, копродуцентот Милан Стојановиќ, како и филмските работници од Србија, кои учествуваа во снимањето на филмот во Македонија. Во публиката беа и македонскиот амбасадор во Србија, проф д-р Никола Тупанчески, директорот на фестивалот Срдан Голубовиќ, режисерите Срѓан Драгојевиќ, Дарко Бајиќ и Недељко Ковачиќ и други. По премиерата Манчевски и екипата одговараа на прашања пред емотивната публика, а претходно имаа и долга прес-конференција, како и десетина интервјуа за српските медиуми“, велат од продукцијата на филмот.

Пред премиерата Манчевски и екипата имаа долга прес-конференција, како и десетина интервјуа за српските медиуми. (Фото: ФАФ промо тим)
На 25 ноември, на фестивалот Торино ќе има италијанската премиера долгометражниот документарец „Добри луѓе“ на Манчевски, со сведоштва на преживеаните во катастроалнуот пожар во диското „Пулс“ на 16 март 2025 во Кочани со 63 жртви. Филмот се прикажува во официјалната програма вон конкуренција, а директорот на фестивалот Џулио Базе на прес-конференцијата со која ја најави годинашнава програма го нарече „најемотивен филм на годинашното издание на фестивалот“. Филмскиот фестивал во Торино важи за втор најважен фестивал во Италија, после Венецискиот. „Добри луѓе“ е финансиран приватно од Манчевски и сите приходи одат за настраданите во Кочани.
„Сестра, брат и шахта“ овој месец победи на фестивалот во Токио од А-категорија, освојувајќи ја главната награда „Гран при на Токио“. Со тоа овој филм стана прв македонски лауреат што освои главна награда на фестивал од А-категорија после „Пред дождот“ во 1994 и само втор филм во историјата на Македонија, победник на фестивал од А-категорија.
Минатата недела „Сестра, брат и шахта“ доживеа успех и на фестивалот во Каиро, каде што беше прикажан во официјалната програма, вон конкуренција, а Манчевски учествуваше во долг разговор со публиката и даде десетици интервјуа за локалните и светски медиуми.
Бројни меѓународни критики и рецензии го нарекуваат филмот „потресен“, „самоуверен“, „остра социјална опсервација“, „ексцентричен“, „прекрасно изработен“, „игрив“, „непредвидлив, со љубов изработен, чиста радост“, „потресна и пресмешна ода за двајца аутсајдери“, „духовит и искрен“, „вознемирува и опчинува“, „врвна глума“…

Бројни љубители на делото на Манчевски останаа пред влезот затоа што салата беше распродадена, гледачи седеа и на подот. (Фото: ФАФ промо тим)
„Сестра, брат и шахта“ е комедија за богати и сиромашни, една лута сатира, ама и суптилна психолошка студија за брат и сестра, кои живеат надвор од тековите на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – си поигрува со жанровските класификации, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
Ова е деветти долгометражен филм, а осми игран филм на Манчевски, снимен во иста година со документарецот „Добри луѓе“. Ова е редок куриозитет во светската кинематографија – автор да се појави во иста година со два филма пред меѓународната публика.
Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Симона Спировска, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката Игор Василев Новоградска. Кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Освен Агенцијата за филм, која го поддржа филмот после незаконска тригодишна блокада на Манчевски и после две судски одлуки во негова полза, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се „Гала филм“ од Бугарија, „Сенс продакшн“ од Србија, „Амаркорд продакшн“ и „Аугустус колор“ од Италија, „Беркли медиа груп“ од Англија и Тирана филм институт од Албанија.



