ПО ШЕСТ ГОДИНИ ОТКАКО ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ, ВЛАДАТА ЌЕ ГО ЗАВРШИ „КИНОТО МАНАКИ“ ВО БИТОЛА

    ПО ШЕСТ ГОДИНИ ОТКАКО ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ, ВЛАДАТА ЌЕ ГО ЗАВРШИ „КИНОТО МАНАКИ“  ВО БИТОЛАОбјектот од 2013 до 2017 се подигна на Широк Сокак на местото каде до 1939 година работело киното на браќата Манаки „Балкан“. За време на градбата се потрошија 700.000 евра, но внатре објектот остана празен, иако според најавите требаше да биде готово до пролетта 2017 (Фото: СДК.МК)

    На вчерашната владина седница беше донесена одлука од државниот буџет да се издвојат средства за ентериерно уредување на „Кино Манаки“ во Битола. Тоа е киното што од 2013 до 2017 го градеше претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а беше и едно од предизборните ветувања на екс-градоначалникот Владимир Талески. Објектот се подигна на Широк Сокак на местото каде до 1939 година работело киното на браќата Манаки „Балкан“. За време на градбата се потрошија 700.000 евра за објект на два ката со сала за проекции која треба да има капацитет од 120 гледачи, но внатре објектот остана празен, иако според најавите требаше да биде готово до пролетта 2017.

    Владата вчера донесе одлука со која 117,5 милиони денари ќе бидат искористени за капитални проекти во културата како што се реконструкција со доградба и надградба на конгресен центар Универзална сала – Скопје, изградба на Спомен обележјето на Тоше Проески, изградба на Дом на култура во Општина Боговиње, реконструкција и адаптација на културен центар „Шота“ с. Неготино, Општина Врапчиште, за ентериерно уредување на објект „Кино Манаки“ во Битола.

    Битолските филмофили сметаат дека објектот треба да се доопреми и стави во функција зашто во спротивно ако не добие употребна вредност, може да се руинира.

    „Порано во Битола имаше осум кина, а денес само едно во Центарот за култура, и затоа ова ќе биде придонес во филмската кутура на градот на првите сниматели на Баканот, градот каде се одржува и филмскиот фестива ‘Браќа Манаки’. Со тоа ќе се развијат повеќе активности од доменот на филмот. Ќе биде мало кино, но сепак ќе има проекции, а според предвиденото, убаво е што ќе има и музејска постановка за животот, делата на Манаки и кинематографијата во Битола“, рече Стевче Хаџиантоновски, еден од иницијаторите за организирање на фестивалот „Браќа Манаки“.

    Објектот беше изграден во 2017, но во јавноста имаше критики дека голем е колку една поголема куќа на Широк Сокак и дека за толку време не се стави во функција. Воедно како дел од градежни материјали беа користени лимови, па и стиропор од кој беа изработени украсните орнаменти на киното, а се изрони уште првата година.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира