ПОЧИНА АКТЕРКАТА РАТКА РАДМАНОВИЌ

    ПОЧИНА АКТЕРКАТА РАТКА РАДМАНОВИЌРадмановиќ во филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски. (Фото: Продукција на филмот)

    Почина глумицата Ратка Радмановиќ, ни потврдија од нејзината матична куќа Народниот театар во Битола. Радмановиќ, која беше театарска филмска и телевизиска глумица, имаше 83 години.

    Родена во Кочани во 1940, најголем дел од кариерата работела во Битолскиот театар. Остварила и повеќе улоги во театрите во Кочани, Струмица, Штип и Куманово. Има остварено низа на впечатливи улоги на сцените на македонските театри, особено во Битолскиот народен театар каде долго време и по пензионирањето имаше носечки улоги на репертоарот. Радмановиќ остварила десетина улоги на филм, посебно е активна по пензионирањето.

    Се прослави како веќе пензионирана актерка со впечатливите улоги во филмовите на  Милчо Манчевски „Сенки“, „Мајки“ и „Врба“, и се етаблира како икона за мајчето, мистична нитка што го поврзува оностраното во неговите филмови.

    Во „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, пак, оствари уште една иконична појава, како храбрата и бескомпромисна мајка на главниот лик, вистинска панкерка, која обајцата ги одржува во живот буквално со своето тело, оти работи како сликарски модел за акт.

    Радмановиќ глумеше и во „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“ на Манчевски, како и во „Преку езерото“ на Антонио Митриќески, „Џипски меџик“ и „До балчак“ на Столе Попов, „Големата вода“ на Иво Трајков,  „Година на мајмунот“ на Блажевски, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска.

    Погребот ќе биде утре во 11 часот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира