ПОЧИНА ЉУПЧО ПЕТРУШЕВСКИ, АКТЕР И ДОЛГОГОДИШЕН ДИРЕКТОР НА МНТ

    ПОЧИНА ЉУПЧО ПЕТРУШЕВСКИ, АКТЕР И ДОЛГОГОДИШЕН ДИРЕКТОР НА МНТПетрушевски како Луков во „Житољуб“ во 1981. (Фото: МНТ)

    На 75 години ненадејно почина доајенот на македонскиот театар, актерот Љупчо Петрушевски кој во три мандати од 1983 до 2006 година беше директор на Македонскиот народен театар, соопшти МНТ,

    Петрушевски дипломирал на отсекот за актерска игра на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, како дел од првата генерација дипломирани актери. Целиот работен век од 1966 година до пензионирањето го поминува во МНТ. Во периодот од 1983 до 1988 ја извршува функцијата директор на Драмата на МНТ, а потоа 1988 до 1999  директор на МНТ. Повторно е директор на Драмата на МНТ во периодот од 2004 до 2006 година.

    „Петрушевски беше неразделен дел од театарот и по пензионирање беше верен поддржувач и гледач на претставите на своите колеги. Секогаш ќе остане запомнет по маркантниот став и секогаш кога ќе се појавеше привлекуваше со внимание и посветеност. Беше неизмерно посветен на театарот. На сцената го имаше релативно кратко, од 1967 до 1984 година, но во голем број на главни и споредни улоги. Во аналите на МНТ ќе остане како директор кој постојано се бореше театарот и претставите да стигнат што подалеку од матичната сцена и да го пронајдат својот пат до сите“, велат од неговата матична куќа.

    Првата улога во МНТ ја има во претставата „Случајот во Виши“ (1967). Препознатлив е по улога на Хоакин Муриета, главниот лик во „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (1976). Некои од позначајните улогите му се: Витезот од Рипафрата во „Мирандолина“ (1985), Виќа во „Сомнително лице“ (1982),  Пуба Фабрициј Глембај во „Господа Глембаеви“ (1974), Другарот Тројкин во „Бања“ (1968).

    Петрушевски ќе остане запомнет и препознатлив и по филмските и телевизиски улоги меѓу кои „Скопски сновиденија“ (1988), „Ѕвездите на 42-та“ (1987), „Климент Охридски“ (1986), „ Сомнително лице“ (1985), „Трговецот од Солун“ (1985), „Од зад грб“ (1985),„Лет во место“ (1984) и „Маљва (1969).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира