ПОЧИНА РЕЖИСЕРОТ И ПОЛИТИЧАР ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ

    ПОЧИНА РЕЖИСЕРОТ И ПОЛИТИЧАР ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИКако политичар,Љубиша Георгиевски во 1994 беше и претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, потоа амбасадор во Бугарија (2000-2004) и претседател на Собранието од 2006 до 2008 од редовите на ВМРО-ДПМНЕ (Фото: МНТ)

    Љубиша Георгиевски, истакнатиот македонски театарски и филмски режисер, професор во пензија, поранешен дипломат и претседател на Собранието на Македонија,  почина денеска во Скопје на 81 година, потврдија за САКАМДАКАЖА.МК од Драмски театар.

    Погребот ќе биде в недела, од 11 до 13 часот на градските гробишта Бутел во Скопје, соопшти семејството.

    Георгиевски е роден во 1937 во Битола, беше театарски и филмски режисер, драмски писател и есеист, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, група „Театар и радио режија”, во Белград, 1974.

    Како политичар, во 1994 беше и претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, потоа амбасадор во Бугарија (2000-2004) и претседател на Собранието од 2006 до 2008 од редовите на  ВМРО-ДПМНЕ.

    Како театарски режисер, има поставено над 160 претстави во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде на универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра. Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и истите гостувале ширум Европа, од кои позначајни гостувања се во Москва и Виена.

    Георгиевски се обрати и на еден од последните собири на движењето „За заедничка Македонија“, чии протести кулминираа со организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: принтскрин од видео)

    Има објавено десеттина книги. Режисер е и на филмовите „Под исто небо“, „Планината на гневот“, „Републиката во пламен“ и „Цената на градот“. Добитник е на повеќе од дваесетина награди низ поранешна Југославија и во Македонија.

    Меѓу последните негови претстави се „Аферата Елсинор“ во Македонскиот народен театар (МНТ) и  лани „Кристифор Колумбо“ во Драмски театар.

    Георгиевски се обрати и на еден од последните собири на движењето „За заедничка Македонија“, чии протести кулминираа со организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира