ПОКРАТКИ КОНЦЕРТИ, НАМАЛЕН БРОЈ МУЗИЧАРИ НА СЦЕНА И ШЕМА ЗА СЕДЕЊЕ НА ПУБЛИКАТА – ФИЛХАРМОНИЈАТА ЧЕКА СОГЛАСНОСТ ОД КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    ПОКРАТКИ КОНЦЕРТИ, НАМАЛЕН БРОЈ МУЗИЧАРИ НА СЦЕНА И ШЕМА ЗА СЕДЕЊЕ НА ПУБЛИКАТА – ФИЛХАРМОНИЈАТА ЧЕКА СОГЛАСНОСТ ОД КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ„Додека пандемијата има голем удар и врз менталното здравје на луѓето, музиката, уметноста даде огромен придонес за подобрување на расположението кај луѓето. Уметниците ширум светот испраќаа илјадници музички пораки, исто така испратени беа пораки со поддршка до здравствените работници кои се на браникот на светската здравствена криза во сите држави без исклучок“, вели Виктор Илиески, директор на Филхармонијата. (Фото: К. Попов)

    Пократки концерти без паузи, шема за седење и редари се дел од процедурата која е наведена во планот и протоколот на Филхармонијата, што на 1 јуни го доставила до Комисијата во Министерството за култура назначена од министерот за култура Хусни Исмаили, до него лично и до заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.

    Министерот за здравство Венко Филипче денес кажа дека Комисијата за заразни болести дозволила да се организираат настани, прифаќајќи го предлогот на Здружението на музичари и на преставници на здруженијата за организирање на настани.

    Директорот на Филхармонијата Виктор Илиески за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека има директна комуникација со министерот за здравство Филипче и дека се во исчекување на официјална согласност за предложените протоколи од Комисијата за заразни болести, за начинот на реализирање на концертите, а притоа со почитување на сите процедури за заштита на индивидуалното и колективното здравје на населението.

    „Како институција, бевме и сме внимателни во однос на донесување на одлуки за враќање на концертниот живот. Но, се разбира во целата ситуација најбитно ни е здравјето на сите вработени и здравјето на сите граѓани“, вели директорот Илиески.

    Филхармонијата од почетокот на јуни започнала со подготовки за реализирање на концерти на отворено, и тие се планирале да почнат од средината на месецот најдоцна до крајот.

    „Но, поради повторното влошување на ситуацијата, со поголем број регистрирани позитивни случаи на дневна основа, стопиравме со нашите подготовки за организирање на концертите. Конкретниот план беше да реализираме концерти на отворено со повеќе камерни состави – составени од членови на Филхармонијата. Колегите со огромна радост ја примија веста дека повторно ќе имаат можност да се вратат на сцената и да музицираат пред нашата верна публика. Публиката исто така секојдневно ни испраќа пораки за поддршка и за што побрзо враќање на филхармоничарите со концертниот живот“, ни рече Илиески.

    Нивните протоколи содржат конкретни процедури во однос на поставувањето на сцената и на уметниците со потребната дистанца, начинот на спроведување на пробите и процедури кај публиката за време на концертите.

    Сцената е предвидено да се постави со намален гудачки корпус и со меѓусебно растојание помеѓу инструменталистите на дувачките инструменти. Што се однесува за публиката, подготвиле конкретна шема на седење, а притоа да се почитува потребното и неопходно меѓусебно растојание помеѓу присутните на концертите.

    Концертите би траеле пократко и би биле реализирани во 1 дел, без паузи за да нема можност за групирање на публиката. Зголемување ќе има и на бројот на распоредители кои би го регулирале начинот на влегување и излегување на публиката од салите.

    „Сцената на уметниците им недостасува премногу. Што се однесува до одржување на формата, музичарите навистина се одговорни и имаат индивидуални проби“, вели директорот Илиески;  – Од официјалното отворање на новата сала на Филхармонијата во октомври 2017. (Фото: СДК.МК)

    По одлуката на Владата од 10 март за затворање на сите воспитно-образовни институции, културните институции, библиотеките, музичарите уметници веќе 4 месеци не се на сцена. Го прашавме Илиески, кој е исто така музичар во Филахрмонијата, како ја одржуваат креативната инспирација, кондицијата и колку на сите уметници им недостигаат сцената и публиката.

    „Со оглед на сите релеванти информации од здравствената фела од државата и од релевантни здравствени експерти од светот, факт е дека ќе мора да се прилагодиме да живееме со вирусот. Во светски рамки, огромен удар од невидени размери има оваа пандемија врз уметноста. Можете да замислите дека концерти на светски филхармонии се одржувале и за време на Првата и Втората светска војна. А, во овие 4 месеци речиси без исклучок се затворени сите светски филхармониски куќи, театарски, оперски институции. За жал, и нашата институција која пред почетокот на кризата бележеше огромен напредок од секој аспект, претрпува голем удар со ситуацијата. Поради специфичноста на ситуацијата не смеевме да ризикуваме да имаме ниту колективни проби, снимања со минимум 50, 60, 70 уметници на сцена. Сцената на уметниците им недостасува премногу“, вели Илиески.

    Ток вели дека музичарите се навистина одговорни и имаат индивидуални проби за одржување на формата.

    „Додека пандемијата има голем удар и врз менталното здравје на луѓето, музиката, уметноста даде огромен придонес за подобрување на расположението кај луѓето. Уметниците ширум светот испраќаа илјадници музички пораки, исто така испратени беа пораки со поддршка до здравствените работници кои се на браникот на светската здравствена криза во сите држави без исклучок. Нашата институција даде свој придонес, отворајќи ја нашата архива со емитување на нашите концерти. Но, ние живееме, работиме, постоиме за публиката, за премиерните изведби во живо на сцената, кои се случуваат само еднаш, во еден даден момент со конкретен диригент и конкретен солист и оркестрантите. Моменти кои се неповторливи и не можат да се опишат со зборови. Верувам во брзо враќање на филхармоничарите на сцената“, вели Илиески.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира